Ова е прв филм во македонска копродукција што ќе биде прикажан во официјалната селекција за нефикција на Музејот на модерната уметност во Њујорк
Музејот на модерната уметност во Њујорк (МоМА) ја објави својата престижна програма „Док фортнајт 2024“, а еден од само тринаесетте селектирани долгометражни филмови е и „Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова.
МоМА ја претставува селекцијата како програма од најдобрите филмови реализирани минатата година, кои ќе бидат прикажани за првпат во Северна Америка, вклучувајќи и филмови што ќе имаат свои светски премиери. Низ ова издание на фестивалот, кураторите на филмот вклучуваат автори и авторки што низ своите дела се соочуваат со историите на насилство и империјализам, разоткривајќи го нивниот одек во сегашноста преку креативна реанимација на историски и заборавени архиви.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова премиерно ќе биде прикажан во МоМА на 25 февруари, а по проекцијата ќе следува и разговор со режисерката. Втора проекција филмот ќе има на 5 март.
Ова е прв филм во македонска копродукција што ќе биде прикажан во официјалната селекција за нефикција на Музејот на модерната уметност во
Њујорк.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова ги освои срцето на Сараево за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино, како и специјалната награда „Очилата на Ганди“ под покровителство на центарот „Стади Серено Реџис“ на Филмскиот фестивал во Торино.
Дома филмот беше прикажан на специјална проекција во рамките на фестивалот „Прво па женско“.
Во следниот период следуваат премиери на филмот и на најзначајните национални фестивали во Грција, Шпанија, Чешка, Франција, Романија, како и фестивалски проекции надвор од Европа.
„Молкот на разумот“ е поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во
македонско-босанска копродукција.
Гостувањето на Кумјана Новакова во Њујорк е поддржано од Музејот на модерната уметност во Њујорк и од Министерството за култура.
„Молкот на разумот“ е форензички видеоесеј изграден како перформативно истражување на првиот случај на меѓународен кривичен трибунал во кој беа донесени пресуди за воено силување како форма на тортура и за воено сексуално ропство како злосторство против човештвото.
Базиран исклучиво од форензичка визуелна архива и сведоштва, „Молкот на разумот“ дејствува како меморијата: недостижно, флуидно, надвор од рамките, се движи во сите правци – просторни и временски. Искуствата на насилство и тортура врз жените од логорите за силување во Фоча за време на војната во Босна и Херцеговина стануваат наши колективни сеќавања, надминувајќи ги времето и просторот.
Режијата, сценариото и продукцијата се на Кумјана Новакова. Монтажата е на Јелена Максимовиќ, дизајнер на звук е Владимир Живковиќ, на графичкиот дизајн се потпишува Елена Диновска Зарапчиев. С.Ј.