Две проекции на две документарни остварувања од последното издание на „Македокс“ ќе се одржат на 7 и 8 февруари, од 19.30 часот, во „Котур“.
Првиот филм е од програмата на нови автори, а вториот од главната програма – добитник на главната награда „кромид“ на 14-от „Македокс“.
Влезот на проекциите е бесплатен.
Едниот од филм е „Снајка: дневник на очекувања“, во режија на Теа Видовиќ Далипи.
– Секоја врска подразбира спој на двајца луѓе со различни економски, социјални или религиозни идентитети наследени од семејството. Љубовта, бракот и родителството на Теа, која е Хрватка, и Мирсад, кој е Ром, личат на невозможна мисија поради остриот контраст помеѓу системот на вредности и обичаи што ги имаат нивните семејства. Обидувајќи се да ги урамнотежат товарот од крутите обичаи, од една страна, и финансиските притисоци, од друга страна, Мирсад и Теа се на работ да ги разочараат своите најблиски. Притоа, тие ризикуваат и да ги загрозат сопствената врска и изгледите за подобра иднина и за себеси и за нивната новородена ќерка Фрида – пишува во синопсисот на филмот.
Вториот филм е „Помеѓу револуциите“, во режија на Влад Петри.
Зара и Марија се спријателуваат на универзитет во Букурешт, во 1970-тите. Но, во Иран има сè поголеми политички превирања и Зара мора да се врати дома. Како што тече декадата, тие ја одржуваат врската низ низа писма, каде што ги запишуваат своите напори како жени што се борат за глас, но и како нивните земји се движат во различни насоки. Покрај далечината и пречките, нивниот копнеж една за друга останува силен.