Фото: ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“

Ново поглавје во музичкото образование: Прв Еразмус проект за „Илија Николовски-Луј”

Одделот по пијано при ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” го доби првиот Еразмус проект, што е прв ваков проект за Државниот музичко-балетски училишен центар.
„Најдобри практитки во наставата по пијано“ се реализираше заедно со едно од најдобрите музички училишта во Хрватска и во регионот – „Глазбена школа у Вараждину“.
Придобивките, како што вели координаторката на проектот и раководителка на Одделот по пијано, м-р Светлана Димитриевска, е повеќеслоен, како за „Илија Николовски – Луј“, така и за сите ученици, наставници и музички училишта во државата.

Фото: „Илија Николовски Луј“

– Следејќи ги тенденциите во музичкото образование, потребата од осовременување на образовните програми, а со цел да се прилагодиме на новите генерации, да го привлечеме и задржиме нивниот интерес, се роди идејата за овој Еразмус проект. Како наставник по пијано со долгогодишно искуство, а во моментов раководител на Одделот по пијано, успеав да го добијам проектот, во кој беше препознаена иновативност и слоевит бенефит, како за учениците, така и за наставниците, за нашето училиште, а и за сите музички училишта од нашата држава. Со овој проект и со соработката со „Глазбена школа Вараждина“ започнува едно ново поглавје во музичкото образование за сите нас. Ова е прв проект за нашето училиште, а Одделот по пијано влегува во историјата. Големо значење во сето ова има поддршката од нашата директорка м-р Даница Стојанова, која ја препозна мојата идеја и несебично ме поддржа. Особено сме благодарни што мојот пријател Давор Маѕачиќ, директор на музичкото училиште во Вараждин, со задоволство прифати да биде дел од нашиот проект, што е уште еден доказ како професионалните пријателства можат да траат долго и да се развиваат – вели координаторката на проектот и раководителка на Одделот по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”, м-р Светлана Димитриевска.

Според неа, со овој проект, како и со соработката со колегите од Хрватска, почнува ново поглавје во музичкото образование.

– Благодарност до колегите кои ги подготвуваа своите ученици: Маријана Влаисављевиќ, Катерина Ќетковиќ Фидановска, Маја Шутевска Кировска, Весна Ангелова Христов, Глигор Гелебешев, Самира Мустафаоглу, Елена Костовска и Борис Светиев. Благодарни сме им и на учениците: Матеј Зашовски, Милан Дучевски, Иван Стојанов, Петар Митиќ, Џеврие Туле, Верица Ристова, Трајче Станков, Љубица Малинова, Давид Павиќ, Емануел Сулеманоски и Лора Мадевска, а особена благодарност за максималната поддршка за реализација на проектот сакам да искажам за директорката Даница Стојанова – додава Димитриевска.

Освен предавања и вежби, учениците имаа активности во неформална и опуштена атмосфера, а имаа прилика да се запознаат и со градот и неговата историја, како и да се дружат меѓу себе.

-Нашите ученици на завршниот концерт се претставија во одлично светло – вели Димитриевска.