Сотир Чупаркоски

Постојат голем број примери за судбината на стотици, а можеби илјадници македонски семејства што ја напуштиле својата татковина, а особено е интересен случајот со прилепчанецот Сотир Чупаркоски, кој емигрирал во Соединетите Американски Држави. Сотир пристигнал во градот Акрон, државата Охајо, и се вработил во пекарница. Првично работел како пекар, а потоа станал шофер, разнесувајќи леб. И кончено во 1928 година се оженил со убавата Ана Игнаце. Имале три сина: Џорџ, Теодор и Џереми. На пописот што се одржал во САД во 1930 година, во графата – јазик што сте го зборувале дома пред да дојдете во САД, Сотир совршено јасно напишал – македонски, што јасно ја потврдува неговата македонска национална свест, иако формално немало македонска држава

За еден вистински настан што како семејно бесценето богатство се пренесува од колено на колено

Иселувањето од Македонија како општествена или демографска појава не е новитет. Уште од почетокот на 19 век, поради одредени причини како што е потрагата за подобар живот или политичките околности, припадниците на македонскиот народ мигрирале привремено или трајно во соседните земји, како Бугарија или Србија, а подоцна низ цела Европа и Северна Америка. Македонската емиграција како феномен не е соодветно научно истражувана, има неколку научни труда за одредени сегменти како што е македонската емиграција во Бугарија, но недостига сеопфатен труд за македонската дијаспора низ светот.
Постојат одредени исклучоци, како што е научниот труд на м-р Димитар Димески на темата „Миграциските движења кон Северна Америка“, како и истражувањата на Флориан Вист, политички и историски научник за Југоисточна Европа, за македонската дијаспора во Европа. Македонските емигрантски средини во европските земји или Соединетите Американски Држави имаат особено значење за одредени македонски национални пројави и текови, но за оваа проблематика Димитар Димески исто така нагласува дека историскиот процес не се состои само од лидерите или политиката, напротив, историјата се создава од обичниот човек и неговиот секојдневен живот, исполнет со лични борби, проблеми, стравови и надежи.
Во оваа смисла, постојат голем број примери за судбината на стотици, а можеби илјадници македонски семејства што ја напуштиле својата татковина, а особено е интересен случајот со прилепчанецот Сотир Чупаркоски, кој емигрирал во Соединетите Американски Држави, притоа ги изгубил контактите со својата фамилија во Македонија, но не заборавил кој е и од каде потекнува.
За Сотир Чупаркоски и за неговите американски патешествија разговаравме со Душко Апостолоски, колекционер на фотографии и правнук на Сотир. Секогаш кога ќе се споменела темата за македонските печалбари во семејството на Апостолоски, мајката на Душко секогаш говорела за Сотир, кој заминал за Америка, се оженил со некоја убава Американка и никогаш не се вратил во својот роден град Прилеп. Единствен семеен спомен за Сотир била една стара фотографија, на која бил сликан во костим во студио од Охајо, испратена до неговата мајка Вета Чупаркоска.
– Нешто започна да ме копка однатре, да започнам да истражувам, бидејќи старите фотографии ми се во крвта, имав еден куп прашања во себе, кога заминал Сотир, со кого патувал, со кој брод тргнал, каде живеел во ветената земја, дали оставил потомство – вели Душко Апостолоски.

Воден од овој порив, Душко Апостолоски одлучил да ја прикачи старата фотографија на Сотир на фејсбук-група на македонски иселеници од Австралија, Америка и од Канада, но овој обид бил неуспешен и покрај контактите со голем број црковни општини од државата Охајо. Од добро упатени извори се обидел да го побара Сотир на официјалната страна на островот Елис (сите имигранти што пловеле кон Њујорк морале да поминат низ овој островот и тука биле регистрирани од американските власти), но страната барала точни податоци како што се име, татково име и презиме, поради што Апостолоски бил неуспешен во потрагата.
– Знаејќи дека американските власти секој дојден имигрант педантно го бележеле до секој детаљ, ми беше чудно зошто го нема мојот прадедо Сотир. Со часови и часови пребарував и ништо од потрагата, но тогаш ми дојде една идеја. Ако веќе го нема во списоците кога бил жив, сигурно ќе го има во некој локален весник на некој некролог или некои гробишта – вели Душко Апостолоски.
Апостолоски одлучил да истражува на сајтот „Find a Grave“ каде што ги впишал името Сотир и државата Охајо, по што се појавиле неколку имиња Сотир, но едно се одделувало, односно Сотир Чупарков. Неговото име било изгравирано на црн гранит, заедно со името Ана, како и годината на раѓањето и умирањето.
– На радоста ѝ немаше крај, а и емоциите проработија. По 106 години откога бил заминат на печалба го пронајдов мојот изгубен прадедо. Сега веќе знаев какво е неговото презиме, со две ф на крајот, и започнав да барам на социјалните мрежи луѓе со презимето Чупаркофф, едно име отскокнуваше од сите други, тоа беше Ден Чупаркоф, кој веќе имаше оформено своја група – фамилија Чупаркоф. Полн погодок, му пишав во инбокс и чекав одговор – вели Душко Апостолоски.

 

Сотир и неговата сопруга Ана

Апостолоски сѐ уште го памети одговорот, а гласел: „Изненаден сум (holy cow – извик на изненадување, чудење, воодушевување), да Сотир Чупаркоски ми е прадедо, тој е татко на мојот дедо Џереми. Сотир дошол во Америка на 14 години, како слеп патник, без карта и на негова среќа бил пуштен да влезе во САД, но не бил регистриран во официјалните книги. Затоа го немало во списокот на островот Елис, Њујорк“.
– Сотир дошол во градот Акрон, државата Охајо, и се вработил во пекарница. Првично работел како пекар, а потоа станал шофер, разнесувајќи леб. И кончено во 1928 година се оженил со убавата Ана Игнаце. Имале три сина: Џорџ, Теодор и Џереми. На пописот што се одржал во САД во 1930 година, во графата – јазик што го зборувавте дома пред да дојдете во САД, Сотир кристално јасно напишал – македонски, што јасно ја покажува неговата македонска национална свест, иако формално немало македонска држава, а јасно се легитимирал како Македонец – посочува Душко Апостолоски за својот прадедо од Охајо.
Другите информации што Апостолоски ги пронашол велат дека Сотир за време на Втората светска војна бил мобилизиран во американската армија, а починал во 1950 година. Неговата жена починала во 1998 година, а неговиот втор син Џорџ влегол во политиката и на двапати бил избран за градоначалник на градот Мекдоналдс во Охајо, а во периодот 1966-1968 бил жесток противник на Виетнамската војна.
– Набргу по постојаните контакти со мене, мојот далечен роднина Дан Чупарков на каналот Јутјуб ја раскажа нашата фамилијарна историја, која ја истражувал 20 години, но без резултат, сѐ додека не беше пронајдена од мене – вели Душко Апостолоски.

На пописот што се одржал во САД во 1930 година, во графата – јазик што го зборувате дома пред да дојдете во САД, Сотир кристално јасно напишал – македонски