Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ доби специјално признание за промотор на читачката култура

Комисијата за доделување на наградите на Македонската асоцијација на издавачи за периодот меѓу два саема, по разгледувањето на апликациите и на примероците од книгите доставени од издавачите, ги додели МАИ-наградите. Признание за најдобра едиција каде што основен критериум се уредничкиот пристап, концептот на едицијата и унифицираниот изглед/дизајн, односно главната награда ја доби едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-или“.
Прва награда за оригинален дизајн на корица доби „Не кажувам“ од Петар Андоновски, дизајнирана од Марко Трпески во издание на „Полица“.
Главната награда за највпечатлив целосен дизајн (корица + внатрешност) на издание за возрасни ја доби „Варшава го исцртува Скопје“ од Кинга Нетман-Мултановска; автор на дизајнот е Петер Личковски во издание на „Бегемот“.
Наградата за оригинални целосно илустрирани книги за деца (сликовници) ја доби „Си беше еднаш – Најубавите бајки на сите времиња“ (прир. Оливера Ќорвезироска, со илустрации на Наталија Лукомска) на „Арс ламина“.
Признание за најкреативно издание каде што влегуваат оригинални изданија за возрасни или за деца, кои се издвојуваат по својата нестандардност и притоа се оценуваат иновативниот пристап и уникатноста на изданието во рамките на нашето издаваштво, односно првото место го доби „Момчето од зборови / Девојчето од ноти“ од Катерина Николовска во издание на „Чудна шума“.
– Признанието за автор на годината каде што како критериуми се земаат популарноста и влијателноста на авторот во културно-општествената средина и неговиот придонес во афирмација на книжевноста во и надвор од државата; број на странски преводи на дело/дела од авторот во периодот меѓу двата саема, како и успесите од продажбата (број на продадени примероци) ѝ припадна на Лидија Димковска – соопштија од МАИ.
Признанието за поттикнување на општествена одговорност го доби сликовницата „Другарко“ од Денис Јанкуловски, на илустраторката Наташа Костовска во издание на „Прозарт медиа“.

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје за кампањата „Читаме современи македонски автори“ доби специјално признание за промотор на читачката култура. Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година и заклучно со мај оваа година донесува 16 автори и исто толку дела.
– На почетокот сакавме да се избориме со предрасудите дека интересните книги доаѓаат од странство, во превод до друг јазик, од странски писатели. Сакавме современите македонски автори да имаат достојно место на нашите полици и најважно, меѓу читателите. Избравме начин за нивно непосредно претставување и доближување. Сите наши настани се одлично посетени. По две години можеме да кажеме дека нештата се менуваат, дека значајно е зголемен интересот за македонските писатели, па и за оние што не се дел од кампањата. Признанието од МАИ е особено значајно затоа што доаѓа од фелата како потврда дека го правиме вистинското нешто, веруваме и вложуваме во македонската литература и во македонскиот јазик – истакнува Снежана Стојчевска, директорка на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Третиот циклус на кампањата „Читаме современи македонски автори“ ќе започне во септември оваа година и ќе трае до мај 2025, со нови осум автори и дела.
Наградите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) беа доделени по осми пат, а годинава за нив одлучуваше жирито во состав: Николина Андова Шопова – писателка, Биљана Стојановска – писателка и новинарка и Ива Јовановска – графичка дизајнерска. Наградите беа доделени во рамките на 36. Саем на книгата во Скопје. С.Ј.