Во средината на 2000-тите се одржа голем проштален концерт на Зафир Хаџиманов во прекрасната Универзална сала. Во тој период останав без работа, газда Нини нѐ прогласи за технолошки вишок, заедно со неговата тогашна директорка Даниела, кога ни ја украдоа државната фирма, книгоиздателството „Македонска книга“. Ни должеа околу 50 плати, повеќе од четири години не земавме плата. И на крајот наместо да ни дадат пари, ни дадоа книги што со години ги печатевме. Она што нешто вредеше одамна беше продадено, на крајот останаа некои непотребни книги во огромни количества. Така, на пример, имаше една книга поезија на некој македонски поет, па некој критичар напишал критика за тоа што авторот сакал да каже. Но и тоа не е сѐ, на критиката друг критичар напишал критика, нешто како „Кон поетиката и мистиката на критиката на елегичниот и филозофскиот пристап на критичарот и на поетот – авторот“. Каква перална за пари, ништо од тоа не се продаваше. Е такви книги имаше илјадници. Но имаше и некои лектири и збирки поезии, песни што можеа да се продадат. Една таква книга беше и збирката поезија на Зафир Хаџиманов. Тоа беше едно книжуле од некои 30 страници, А5-формат, со црна корица и на него фотографија на Зафир од негови средни години. Е тие околу 800 примероци ги зедов јас, никој не ги сакаше, а цената беше како денешни 10 денари. Вкупно 800 книги за 8.000 денари што ми ги пресметаа.

Доаѓа концертот на Зафир, се собираат многу луѓе, меѓу нив и јас со другарите Тони и Фирга како помош за продажба на книгите. Таа вечер ги продадов сите негови книги, некои за 500 денари, некои за 300, некои (оние потпишаните од Зафир) за 800, па собрав околу 500.000 денари. Благодарејќи на Зафир успеав некако да надоместам повеќе од половина од четирите годишни плати што не ми беа исплатени.
Концертот веќе започнат и влегуваме ние тројца на концертот, купивме карти. А внатре се чувствува некоја посебна атмосфера, тие сите атоми, молекули, фотони, се спојуваат на начин како да се создава нова планета. На сцената Зафир со музичарите, фамилијата, гости, се редат: „Био је мај, “, „Панаѓур“, „Како Вардар“, „Плави жакет“, „Песма“, „Марица“, „Од љубов не се бега“, „Љуби ме и главата горе“, „Саноќ седам Трено“, „Ој Јано, Јано“, „Кажи кажи либе Стано“, „Земи момче Македонче“… Публиката не мирува, солзи, смеа, тага, се вртат годините како сѐ да било вчера: фестивалот „Загреб 65“ и неговата песна „Човјек као ја“, или „Београдско пролеќе – 1973“ и „Циганске очи“ и „Валандово 1989“ со песната „А од љубов не се бега“.


Нема таков опус на овие простори, па и пошироко. Ако Хрватите ги имаа Ибрица Јусиќ и Арсен Дедиќ, Црногорците – Миладин Шобиќ, Србите – Ѓорѓе Балашевиќ, ние го имавме Зафир, кој беше и автор на текстови, композитор, пејач, шармер, дипломиран актер што владееше целосно со сцената. Во тие моменти кога ги слушав вонвременски песни се запрашав, од каде ги наоѓа тие мелодии, тој текст, толку македонски толку вдахновен со македонски симболи и знаци, па кај него сѐ е во знакот на македонштината (бил почесен амбасадор на културата на Македонците во Србија, основач на здружението на Македонците „Македониум“ во Белград). Музика како неговата, ни тука нешто слично, нема на овие простори. Толку е посебна, дури и за македонски услови. Полека ги следам трагите на неговите текстови и песни, се вклучувам во колективната потсвесна меморија, која не познава граници и е достапна за сите. И ете го таму, пред милениуми, некој од предците на Зафир, седнат на маса со македонските богови, јадат, пијат, мудруваат, пеат и играат на таа македонска древна музика. Е од таму доаѓа музиката на Зафир, преработена за сегашното време, но толку прекрасна, единствена, збогатена со севкупното светско мудро наследство што нѐ носи низ светови непознати и недостапни за секого. Ете тоа беше Зафир, кој, за жал, почина пред три години, денот кога замина еден од наследниците на македонските богови на музиката. И како тој што наследил гени од неговото семејство, особено од неговиот татко Васил, така со успех му ги предал на својот син, кој исто така се вика Васил. Така што таа традиција долга милениуми го продолжува тој пат, исполнувајќи нѐ нас, неговите слушатели, со гордост и среќа дека и ние Македонците сме дале нешто во светската културна ризница.

Љупчо Давчев