Концерт на светска музика се одржа викендов во „Јавна соба“, на кој настапи бендот „Чалгија саунд систем“. Бендот го имаше своето албумско деби во 2010 година со истоимен албум во кој беа отсвирени и отпеaни некои од најубавите македонски чалгиски песни. Созревајќи, во 2019 год., бендот го издаде својот втор албум именувајќи го „Тихувај“, како провокација за авторски поглед на нова чалгија во која беа вметнати современи звуци.
– Саботните вечери посветени на жанрот светска музика полека стануваат дел од регуларната скопска сцена и публиката се навикнува на оваа квалитетна музичка програма. Инаку, „Чалгија саунд систем“ е бенд што уште од почетокот наиде на одличен прием во Македонија, остварувајќи со тоа огромен број концертни настапи насекаде. Но бендот ги пренесува звуците на чалгијата и низ светот одржувајќи концерти во Турција, Грција, Србија, како и на еден од најголемите фестивали на музика на светот во Рудлштад, Германија, каде што во 2022 година ја делеше сцената со најголемите ѕвезди на балканските и светските простори, што од жанрот ворлд-музика, што од рокенрол-фелата – велат организаторите.
Во летото 2023 г. „Чалгија саунд систем“ направи омаж на еден од последните охридски трубадури – Климе Садило, изведувајќи ги неговите незаборавни виолински делници без никакви додавки или преаранжирања, положувајќи го тестот на строгата охридска публика.
– На крајот, ќе ги пренесеме зборовите на луѓето што внимателно и постојано ги следат кариерата и растежот на овој бенд и кои велат дека „Чалгија саунд систем“ е тивка и суптилна непомпезна музичка пројава, но со музички моќно и силно влијание кај вистинските музички сладокусци. Добрила Грашеска – вокал, Александра Кузман – виолина, Дориан Јовановиќ – ут, Бошко Мангаровски – канон, Филип Крстевски – перкусии.
Мотото на фестивалот е „Светско, а наше“ и се одвива во „Јавна соба“.