Денеска на пладне во Домот на културата ,,Кочо Рацин” во Скопје се одржа настанот ,,Сончева патека” во чест на 68 години од објавувањето на додатокот за деца ,,Колибри” во нашиот весник ,,Нова Македонија”.
Настанот го отвори поранешниот главен и одговорен уредник на весникот, Марјан Велевски.

– Посебно ми е драго дека денеска сме собрани овде да го одбележиме денот на еден вечно млад прилог, иако е роден во далечната 1958 година. Прилогот се вика ,,Колибри” па иако го носи името на најмалата птица на светот, сепак не е нималку малечок туку катанеделно, секој вторник гордо ја покажува својата големина -истакна Велевски.
Присутните ги поздрави и актуелниот главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“ Милко Живковиќ.

Уредникот на ,,Колибри”, Филип Димкоски по читањето на песната ,,Сончева патека” на основачката на ,,Колибри”, Евгенија Шуплинова, потсети на развојниот пат на ,,Колибри”.
Благодарници за долгогодишна соработка и повеќедецениски придонес им беа доделени на Перо Миленкоски, Наум Попески (постхумно), Марија Таушанска Анастасовска, Кирил Темков (постхумно), Васил Мукаетов, Мирјана Мукаетова, Каролина Мицевска, Владо Димовски, Владо Јаневски, Славица Танеска, Мултимедијален клуб ,,К” од ООУ ,,Климент Охридски” -Прилеп.






На настанот присуствуваа писатели, новинари и ликовни уметници кои соработуваат и на различен начин придонесуваат за ,,Колибри”.
Со уметнички точки се претставија ученици од ОУ ,,Гоце Делчев” од с. Љубанци, Скопско и ученичката Нина Лазаревска од ООУ ,,Димитар Миладинов”.
На настанот сликаа во живо сликарот и хуманист Живко Поповски Цветин и уметницата м-р Славица Танеска.
Ф.Д.


































