„Кодирана уметност со фрагменти“ е заедничката изложба од академските уметници Маја Ралева – Миладиновски и Драгица Ристеска, што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Изложбата е комбинација од слики и инсталација со различни визуелни решенија.
Темата на која работат сугерира и укажува на нешто пред и потоа, на ситуации и фрагменти пред одредено време и на ситуации потоа. Кога ќе се погледне во целосна перспектива од поодминато време се има впечаток како целиот свет е соочен со ненаметливо обележје, кое е веќе составен дел од нашето секојдневие.
– Авторките преку комплексноста на материјалите и текстурите создаваат композиции каде со помош на бојата и светлината се создава една поинаква диманзија на просторот околу нас. Кодирана уметност со фрагменти е комплексно уметничко дело кое дава можност за визуелна самовизија и поттикнување на меморијата што дозволува сами да ја направите својата приказна и го зема моментот што неволно се наметнува на нашите животи. Оттука и размислувањето за создавање на кодирана уметност, кое се обработува во новата ера на модернизација – е посочено за изложбата од двете академски уметници.
Ка.М.