47. „ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА“

Новото издание на фестивалот „Денови на македонската музика“ почнува вечерва, со концерт на Воениот оркестар на армијата, под диригентската палка на Горан Илијевски, во големата сала на Филхармонијата. На концертот ќе бидат изведени дела од македонските композитори создадени за голем дувачки оркестар. Програмата на 47. „Денови на македонската музика“ е во знакот на извонредното творештво на македонските композитори од поголем обем: симфониско, оперско, дела за гудачки оркестар, но и камерен опус.
Со концертите ќе бидат одбележани и повеќе значајни јубилеи, на композиторите Томислав Зографски, Михајло Николовски, Стојче Тошевски, Живојин Глишиќ, Тодор Трајчевски, јубилеите на МРТВ – 80 години од основањето и на НУ „Танец“ – 75 години од основањето.
Вториот концерт е на 24-ти (недела) во малата сала на Филхармонијата, камерниот оркестар „Профундис“ со солисти ќе ги изведе делата на композиторите Гоце Коларовски, Фатос Лумани, Дарија Андовска, Гоце Гавриловски и Ангел Спироски.
– Програмата на фестивалот вклучува премиерни изведби на дела од помладата генерација, како и изведбите на дела што се вбројуваат во ремек-делата на сите генерации композитори. Со свои концерти ќе се вклучат и Националната опера и балет, Филхармонијата, камерниот ансамбл „Алтус“, а ќе заврши со традиционалната трибина посветена на состојбите со творештвото на македонските композитори – велат организаторите.
Влезот на сите концерти е слободен.
– Уметничкиот одбор и СОКОМ при конципирање на програмата поаѓа од фактот – домашното уметничко творештво зависи од сите нас, од нашата одговорност и од нашата грижа да овозможиме создавање, изведба и промоција на дела што ги означуваат нашето минато, сегашност и иднина – велат од СОКОМ. В.Д.