Изложбата „Космички пејзажи 2“ на македонскиот ликовен уметник Дејан Иванов-Маргуш е отворена за софиската публика до 30 јуни во музејот „Борис Христов“ во Софија.
Изложбата од околу 20 ликовни дела ќе биде отворена во присуство на авторот.
Ликовните дела, кои беа создадени пред пандемијата од ковид-19, во 2019 и 2020 година беа претставени во Пловдив. Неговите апстрактни, импулсивни и богати колористички дела, насликани со користење акрилни бои и со комбинирање дополнителни материјали за засилување на колористичката вибрација, сега ќе можат да се видат и од публиката во главниот град на Бугарија, Софија.
Дејан Иванов-Маргуш е роден во Скопје, во 1979 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2005 година, во класата на проф. Јован Шумковски и проф. Рубенс Корубин.
Свои самостојни изложби има претставено во повеќе града низ Македонија, а исто така изложувал и во Србија, Германија и во Бугарија. Учествувал на многу групни изложби во Македонија, Србија, Хрватска, Чешка, Франција и во САД.
Во својата биографија бележи три награди од групни претставувања, како и многубројни учества во колонии во Македонија и надвор од неа.
Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2005 година, а подоцна станува и негов секретар.