„Вера, ќе дојде време кога ќе дојдат некои нови млади учени луѓе што ќе знаат да го ценат ова што јас го работев и ќе ги побараат собраните песни“, ѝ велел Васил Хаџиманов на својата сопруга, разочаран од незаинтересираноста за неговиот долгогодишен макотрпен труд

Целиот свој живот Васил Хаџиманов, познат македонски етномузиколог, композитор и мелограф на македонски народни песни (Кавадарци, 14 јануари 1906 – Скопје, 16 декември 1969), го посветил на зачувување од заборав на македонското народно творештво, но и на народните песни од целиот Балкан. Во текот на својот живот, тој запишал над 8.000 македонски изборни песни, некои од нив успеал да ги испечати, но поголемиот дел сѐ уште не ја здогледал виделината.
Во време кога македонскиот идентитет се оспорува од соседните држави, ние забораваме на сопствената традиција, која е доказ за нашата посебност низ вековите. Меѓу другото, и народното творештво ѝ е потребно на една нација за културно издигање.
– Над 8.000, а според некои сознанија станува збор за 9.000-10.000 македонски народни песни од целиот Балкан, забележал мојот дедо Васил Хаџиманов, по кого го добив името, но, за жал, државните институции не се заинтересирани за нивно објавување. Песните се откупени од Македонската академија на науките и уметностите, но досега ништо не е сторено од нејзина страна, а не сум слушнал ниту дека Министерството за култура и образование има намера да ѝ го претстави на јавноста ова непроценливо национално богатство. Затоа, апелирам до државните институции овие записи да се стават на хартија и да се промовираат, да се зачуваат од заборав – вели Васил Хаџиманов, познат џез-музичар и композитор од светски ранг, кој е чест гостин во Македонија, а предава и на Џез-академијата во Штип.

Спомен собата на Васил Хаџиманов во Музејот во Кавадарци

И неговиот татко Зафир Хаџиманов, познат македонски и југословенски глумец, пејач, композитор и поет, роден во Кавадарци во 1943 г., а почина на 27 март 2021 година во Белград, каде што живееше и работеше, во последното интервју за нашиот весник изрази жалење поради тоа што ништо не е сторено да се зачува од заборав оставнината на неговиот татко Васил.
– Имаме илјадници песни во архивите на МАНУ запишани од мојот татко Васил, а, за жал, досега се снимени само педесетина од нив. Наместо да им ги покажеме на светот и на соседите што не нѐ признаваат и со нив да ги удриме по глава, ние молчиме – ни рече тогаш Зафир Хаџиманов.

Зафир Хаџиманов во спомен собата на својот татко Васил во Музејот во Кавадарци

Мирјана Мукаетова, како новинарка во редакцијата на Радио Кавадарци, во далечната 1987 година, првата документарна емисија што ја реализирала била насловена „18 години поминаа…“, посветена на судбината на собраните песни од страна на Васил Хаџиманов, од кои значаен дел се од Тиквешијата.
– Поттикната од информацијата дека сите нотни записи, текстови и снимки на Васил Хаџиманов, од страна на неговиот син Зафир Хаџиманов, ѝ биле понудени на Македонската академија на науките да ги откупи, но сѐ уште не се откупени, и по 18 години од неговата смрт, успеав да закажам средба со Зафир и со неговата мајка Вера, која сѐ уште беше жива. Таа ги цитираше зборовите на нејзиниот сопруг, кој ѝ рекол: „Вера, ќе дојде време кога ќе дојдат некои нови млади учени луѓе што ќе знаат да го ценат ова што јас го работев ќе ги побараат собраните песни“. Но и по 18 години од неговата смрт, не дошол никој, тврдеше таа. Тогаш разговарав и со Зафир Хаџиманов, кој ми откри дел од својата интима – се потсети Мирјана Мукаетова.

Таа дополни дека Зафир кога бил дете се чувствувал запоставено од неговиот татко, кој ретко бил дома.
– Татко ми Васил многу малку имаше време за мене. Дури по неговата смрт, кога седнав и го средив целиот собран материјал, сфатив на што согорел животот на татко ми и каква мисија самиот си задал, да го собира и зачува од заборав народното творештво. Кога го видов тој огромен број на песни, над 8.000, сите магнетофонски ленти, нотните записи што макотрпно со часови ги симнувал од лентите за да ги зачува како исклучително важно културно наследство, станав свесен на што го потрошил тој својот живот. Откако го средив и сортирав целиот материјал, ѝ го понудив на Македонската академија на науките и уметностите да го откупи, но цели 18 години не се случи тоа – ни ги пренесе Мукаетова зборовите на Зафир Хаџиманов.

Васил и Зафир Хаџиманови

Во 2018 година бил издаден и каталог за мелограмите од легатот на Васил Хаџиманов, кој бил промовиран на Факултетот за музичка уметност, кој го подготвиле Николче Витковски и Цветанчо Николоски, студенти на програмата од втор циклус студии за музички науки при ФМУ, под менторство на проф. д-р Димитрије Бужаровски. Во каталогот се попишани 10.166 мелограми од обемниот легат на Васил Хаџиманов, кој се наоѓа во архивот на МАНУ.
– Со попишување на мелограмите се прави уште еден исчекор во содржината на легатот и брзото и лесно пребарување, особено имајќи ја предвид неговата обемност. Ова е и од особено значење за заштитата на македонското духовно културно наследство – велат авторите.

За жал, и по овој потфат, ниедна од песните, стари македонски, забележани од Васил Хаџиманов во текот на неговата долгогодишна макотрпна работа, не допре до пошироката јавност.

Врвниот македонски композитор и инструменталист Никола Мицевски смета дека не си ги почитуваме сопствените културни вредности.
– Немаме доволно почит кон нашето културно наследство и мислам дека полека се губи националната стратегија за негово изучување и негување. Традицијата и фолклорот се едни од најважните фундаменти за зачувување на идентитетот и посебноста на еден народ. Сите околу нас сакаат да грабнат од нашата традиција, а само ние не сакаме да сме тоа што сме. Секоја чест на оние што, и покрај сѐ, се трудат со своите дела и залагања да придонесат за зачувување на она што значи наследство и традиција – потенцира Никола Мицевски.

Слично е и со уметничките дела од непроценлива вредност, кои постојано ги снемува.
– Значењето на уметноста е огромно, бидејќи е белег на еден народ и сè што ќе се вложи во уметноста е влог во нашиот идентитет и постоење. Македонија е земја со богата традиција, историја и уметност, која може да се носи рамо до рамо со светот. Почнувајќи од византиските фрески на Михајло и на Ефтихие, кои во себе имаат ренесансни вредности, па понатаму Пандилов, Личеноски и Мартиноски, кои директно од сликањето фрески и икони нѐ воведоа во современата уметност, па до мајсторите на модернизмот, како Кондовски, Мазев, Анастасов и Перчинков, кои се и првите професори на Факултетот за ликовни уметности. Токму затоа не треба да заборавиме дека за создавање врвна уметност се потребни длабоки уметнички корени, кои ние ги имаме – вели младата ликовна уметница Славица Танеска.