Марамите се практичен детаљ што се носи на разни начини и навистина се исплати да го имате во својот плакар. Но ова лето марамата не се носи само околу вратот, бидејќи таа стана мултифункционална. Било да е од свила, памук или, пак, од друг материјал, марамата е апсолутен хит оваа сезона, а ние ви предлагаме како можете да ја употребите.

Ако е доволно долга, марамата може да се носи како блуза без ракави што се врзува напред, одзади или на вратот. Со оглед на разните дезени во спој со вашата фантазија, ова може да биде уникатна креација.

Ако станува збор за многу голема марама, може да ви послужи и како фустан за плажа или ако ја врзете на уникатен начин, така облечени можете да го испиете претпладневното кафе во некое туристичко место.

Освен тоа, марамата можете да ја врзете околу раката како белезица или околу главата, на разни начини. Оваа сезона изборот е навистина голем, од врзување како лента на косата или украс на шеширот, до врзување како турбан, како што во 1960-тите марамите ги носеа познатите глумици, или пак врзана зад ушите, а не класично.

Носењето на марамата околу вратот оваа сезона е исто така посебно и повеќе личи на накит, а ако сте облечени минималистички, таа извонредно ќе се вклопи. Марама можете да врзете и на својата чанта или летна торба за на плажа.