Во Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, Хрватска, отворена е изложбата на уметницата Жанета Гелевска Велјаноска насловена „Јас сѐ уште верувам дека можам да летам“.
Изложбата беше во организација на КИЦ – Загреб и здружението „Добредојде Маседонија велкам центар“, а со поддршка од Министерството за култура и е надоврзување на изложбата од 2018 година во галеријата „Акантус“.
Жанета на оваа изложба се претстави со 37 дела создадени од 2018 г., па до денес.
– Мистеријата на играта поседува сопствен простор и сопствено време, па така, користејќи ги реалното време и простор Жанета Гелевска Вељановска нѐ носи во имагинарен свет на други простори, кои имаат бесконечно многу приказни, создадени со внимателно промислување на фантазијата. Нејзината имагинација заводливо ве обзема, гледате, си замислувате, ве насмевнува и како во детска игра продолжувате да ги вградувате нејзините мисли во своите. Тоа би била можеби желбата на секој уметник, поврзаноста со внатрешниот свет да ја евоцира на самото платно. Слободата на творештвото, слободата на мислата и љубовта ја создаваат моќта на возвишеноста на оној слободен лет, а тоа е моќта на уметноста со која Жани ја зацврстува вербата во летањето – пишува Дијана Томиќ, ликовна уметница и кураторка во каталогот на изложбата.
Инаку, Жанета дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во 1989 година во класата на професорката Ана Темкова и е членка на ДЛУМ од истата година.
Реализирала повеќе од 40 самостојни и учествувала на голем број групни изложби во Македонија, Европа и во САД. Значајно е нејзиното учество во уметнички проекти и сликарски колонии, а нејзините дела се наоѓаат во многу приватни и јавни збирки.
Од 2000 година живее и твори во Лондон како слободна уметница и е на постојана релација Лондон – Скопје и обратно.
Жанета е еден од основачите на здружението „Добредојде“, кое работи во сферата на културната дипломатија, поточно промоција на нашата земја преку нејзината култура и традиција.
– Искрено се радувам на секоја нова можност за претставување на мојата уметност. Во оваа пригода сакам да им се заблагодарам на сите што овозможија изложбата да се случи пред загрепската публика. Најчесто избегнувам да зборувам и оставам моите дела да говорат и притоа секој од публиката да си ги доживее на свој начин. Навистина сум задоволна од посетеноста, од севкупната организација и, секако, од реакциите и коментарите што ги добив на самата изложба – изјави уметницата Жанета.