Во Музејот на Македонија во Скопје е отворена изложбата на концептуален филигрански накит со наслов „Мамка“ на уметницата и етнолог Марија Милошевска, која веќе дваесетина години го промовира филигранскиот занает преку современиот концепт низ различни медиуми, како накит, инсталации, објекти, перформанси и видеоуметност.
Инспирирана од најстарото пишано сведоштво за потеклото на вештачката рибарска мушичка, во светот позната под името „Macedonian fly“, во 2017 го создава брендот „МАкедонска МушичкА – МАМКА“, кој го прикажува филигранскиот концепт како пристап, практика за накит и критички дискурс во креирањето на културата. Оваа колекција го истражува изработувањето на накитот како начин на размислување и толкување преку иновативен и применлив пристап во различни дисциплини.
Кураторка на изложбата е Лени Дончева, историчарка на уметноста што работи како кураторка во Градскиот музеј во Бад Херсфелд, Германија. Емилија Лазаревска е магистерка во областа на реставрацијата и конзервацијата на темперна техника, која преку нејзиното уметничко чувство несебично придонесе за креирање на визуелниот идентитет на оваа приказна. Видеоинсталацијата е на Сергеј Сарчевски, дипломиран директор на фотографија при универзитетот „Вестминстер“ во Лондон, В. Британија. Фотографиите се на Александар Ивановски, а асистент е Оливер Настески.