Во почетокот на следната година, во престижниот простор „Кунстхале“, кој е дел од „Музеум Квартиер“, еден од најголемите европски културни центри во срцето на Виена, на 1.000 квадратни метри за првпат ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Концептот предвидува осум меѓународни уметници да направат своја селекција од колекцијата и да осмислат поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу овие дела и нивната работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку уметничката солидарност. Дел од изложбата ќе биде и документарна секција за Скопје, трансформацијата на градот и приказната за МСУ-Скопје и неговата колекција. Тоа значи дека во една од европските метрополи и најпознати уметнички центри ќе бидат афирмирани и драгоцената збирка на МСУ и градот Скопје.

Уметници, кои веќе избираат дела од колекцијата на МСУ-Скопје со кои ќе воспостават дијалог помеѓу делата и нивната работа се: Брук Ендру (Австралија), Јане Чаловски (Р С. Македонија), Христина Ивановска (Македонија), Синиша Илиќ (Србија), Иман Иса (Австрија) и Ѓулсун Карамустафа (Турција). Уметница што создава фотографии од Скопје и МСУ е Елфи Семотан (Австрија) и уметница што прави патопис низ градот и музејот е Барби Марковиќ (Србија).

Досега во посета на Скопје и МСУ беа најголемиот дел од уметниците, кои веќе започнаа со фотографирање и избор на дела од уметничката колекција на музејот. Присуството на Брук Ендру и Иман Иса во МСУ-Скопје, покрај нивните обврски врзани со претстојната изложба, МСУ го искористи да одржат и разговор за поширока публика. За време на својот престој, Синиша Илиќ ја истражуваше колекцијата и правеше избор на дела, додека Барби Марковиќ, во своите истражувања за музејот и Скопје, собираше информации, кои понатаму ќе ѝ послужат околу креирање пишани тeкстови поврзани за изложбата. Неодамна во посета беше и Елфи Семотан, една од најреспектибилните и најпознати фотографки на денешницата, која направи фотографии од нашиот музеј и од неколку клучни локации на Скопје.

Уметничката директорка на „Кунстхале“ – Виена, Сабина Саболовиќ, веќе двапати беше во работна посета во Музејот на современата уметност – Скопје, каде што, заедно со директорката на музејот, Мира Гаќина, и дел од кураторскиот тим работеа на подготовки за овој голем проект. Неодамна, пак, директорката на МСУ, Гаќина, заедно со тим куратори беше во возвратна работна посета на музејот „Кунстхале“, каде што со тамошниот стручен тим го разгледаа просторот каде што ќе бидат поставени делата од уметничката колекција на МСУ.