- Преку внимателно одбраните дела, изложбата отвора прашања за меморијата, пејзажот, телото, заедницата, екологијата и секојдневниот живот
Фестивалот „Зрно“ и оваа година ја продолжува својата мисија да создава простор за современа авторска фотографија, експериментални визуелни практики и меѓународна културна размена во Македонија.
Во контекст на локална сцена каде што ваквите платформи на кое и да е поле се ретки, фестивалот претставува важна точка за поврзување на домашни и странски автори, публика и независни културни иницијативи.
Изложбата на селектираните дваесет автори од отворениот повик обединува различни современи пристапи кон фотографијата — од документарни и интимни серии до експериментални, концептуални и хибридни визуелни форми.
Селекцијата на делата е направена од осумчлено меѓународно жири: Ева Шлегл од Виена, Драго Вејновиќ од Бања Лука, Ане-Мете С. Сомер-Келтер од Копенхаген, Жозеп Домингез Кастелс (Пеп Мингез) од Барселона, Ивана Брезовац од Белград, Флоријан Копр од Виена, Наташа Такач од Осиек и Сашо Алушевски од Скопје.
Преку внимателно одбраните дела, изложбата отвора прашања за меморијата, пејзажот, телото, заедницата, екологијата и секојдневниот живот.
Селекцијата вклучува автори од петнаесетина земји, создавајќи простор за дијалог помеѓу различни визуелни јазици и културни искуства.
Особено е значајно тоа што некои од претставените проекти се занимаваат со маргинални простори, локални приказни и теми што ретко добиваат видливост во институционалниот културен контекст.
Изложбата ја нагласува фотографијата не само како документ туку и како средство за истражување, лична архива и критичко размислување за современото општество.
Покрај изложбената програма, фестивалот продолжува да поттикнува едукација, соработка и активно учество на млади автори и локални заедници.
Настанот претставува можност публиката да се сретне со актуелни меѓународни фотографски практики во директен и достапен формат.
Изложбата на отворениот повик е дел од програмата на „Зрно 2026“ и ќе биде отворена за посетители во рамките на фестивалот „Скопско лето“.
Програмата на „Зрно“ е делумно поддржана од Министерството за култура и туризам. С.Ј.

































