Под наслов „50 години творештво“ вечерва во 20.30 часот во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци ќе биде отворена изложба на познатиот македонски ликовен уметни Ангел Димовски – Чауш и воедно претставу можност кавадаречката културна јавност за прв пат да се запознае со богатиот творечки опус на овој наш уметник кој повеќе децени живее и работи на релација Македонија- Франција.
Според д-р Љубен Пауновски делата кои Ангел Димовски Чауш ги изработил во текот на изминативе педесет години имаат четири тематски/идејни целини. Компонирани се од фигуративни, предметни, јазични и археолошко-етнографски содржини, како претстави од животни ситуации и активности, како реминисценци на митолошки теми кои минале во народни обичаи, како критички однос кон актуелни состојби и настани од стварноста, и како омажи за писмото на артефактите.
На стилски план е остварен личен израз во сите четири тематски целини, како инвентивно употребен еклектицизам на архаичното, примитивистичкото, нивните модернистичко-авангардни преработки, поп и рок културата. Во таа смисла, скулптурите на Анегл Димовски Чауш припаѓаат на модернистичко авангардната линија кој исконското го внесе во модерното. Тоа се скулптури чиј заеднички именител е интенцијата да се изрази говорот на телото обликувано во стилизирани робусни и елегантни анатомски дисторзии, или сведено на апстрахирано тело-лушпа во активност. Некаде јасно означено а некаде сосема малку, се препознаваат главниот мотив- жената, и придружниот мотив на птицата, при што асоцијациите за преплетување на антропоморфното во зооморфното, и обратно, се често присутни.
Другата целина ја претставуваат сликарско-скулпторски објекти со критичка ангажираност на конкретни актуелни состојби, случувања и процеси во екологијата, политиката, културното наследство, националниот идентитет, сообраќајната (не)култура.
Третата целина се омажи за писмото/јазикот, за описменувачи и јазични кодификатори на старословенската глаголица и кирилица, и на современиот македонски јазик, додека четвртата целина е своевиден омаж на т.н. примитивизам на црнечката скулптура споена со сензибилитетот на поп и рок културата, на која и припаѓа младоста на уметникот.