„Денови на македонската музика“

Оркестарот на Македонската филхармонија, вечерва, со почеток во 20 часот ќе одржи концерт во рамките на фестивалот „Денови на македонската музика“. На програмата се „Циклус песни“ од Стојан Стојков (2004), „Темпера 3“ од Тома Прошев (1968), увертира „Храдебни“ (1997) од Горан Начевски и Концерт за симфониски оркестар „Ремикс“ (2012) од Гоце Гавриловски. Диригент е Иван Еминовиќ, а како солистка ќе настапи мецосопранот Сара Јанева.
Сара Јанева е лирски мецосопран чиј уметнички пат се развива на интернационалната оперска и концертна сцена. Додипломските студии ги завршува на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2022 година, во класата на проф. Весна Ѓиновска-Илкова. По дипломирањето во Скопје, таа е дел од Летната оперска академија на маестро Џорџ Пехливанијан во Блед, Словенија. Во 2024 година станува членка на Швајцарското оперско студио и ги добива своите први професионални солистички улоги во театарот „Бил-Солотурн“ во Швајцарија. Во 2025 година дебитира во последните две опери на В. А. Моцарт, во улогата на Анио во операта „Помилувањето на Тито“ и во улогата на Втората Дама во операта „Волшебната флејта“. Последната сезона во оперското студио ја завршува со улогата на Лизета во операта „Фраскатана“ од Џ. Паизиело. Покрај оперските претстави, во истиот период настапува и на концертните изведби на „Стабат матер“ од Џ. Б. Перголези и „Стабат матер“ од А. Дворжак. Во февруари и јули годинава одржува два солистички концерта – во просториите на Факултетот за уметности во Берн и во црквата „Св. Софија“ во Охрид – со програма посветена на македонското музичко творештво и македонските композитори.

Роден во Скопје, Иван Еминовиќ започнува да изучува музика на шестгодишна возраст, посетувајќи го најпрвин Одделот по пијано во нижото музичко училиште, а потоа и средно образование во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. На ФМУ во Скопје се запишува на Одделот за оркестарско диригирање во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, каде што во 2010 година дипломира со концерт во чест на проф. Коста Трпков, истовремено добивајќи награда од фондацијата „Томислав Зографски“ како најдобар студент на одделите за диригирање, композицијата, музикологија и музичка теорија и педагогија. Во 2012 година магистрира со почести на истиот оддел, со операта „Рита“ од Гаетано Доницети. Како пијанист одржал повеќе концерти низ Македонија и странство и добитник е на повеќе државни и меѓународни награди и признанија (Државен музички натпревар во Скопје, меѓународниот натпревар во рамките на фестивалот „Интерфест“ – Битола, фестивалот ЕРТА во Осиек, Хрватска и други).