Во петок, на 18 септември, од 19 часот, во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен паралелно ќе бидат отворени две самостојни изложби на визуелните уметници Борче Богоевски и Татјана Ристовска.
Богоевски ќе се претстави со изложбата „А хајгер спејс“ („A higher space“), која носи современ ликовен израз и преку делата ги истражува комплексните визуелни и симболички односи меѓу светлината, просторот и човековата перцепција.

– Централна точка во овој циклус се облаците. За мене облакот не е само појава на небото, туку гранична состојба – место каде материјата станува неодредена, формата се ослободува од сопствената граница, а видливото упатува кон нешто што не може целосно да се именува. Тие се симбол на движење, промена и трансформација, но и медиум низ кој го одразувам внатрешниот свет на човекот – вели уметникот Борче Богоевски.
Изложбата ја сочинуваат слики, масло на платно во ербраш техника и една скулптура.
„Изворни конекции“ е насловот на изложбата на Татјана Ристовска, која го прикажува нејзиното лично патување – процес на навраќање кон себеси, кон поврзаноста со природата и луѓето, односно кон суштината. Станува збор за инсталација со теракотни елементи што носат траги од искуствата, предизвиците и внатрешните преобразби кои ја обележале минатата година. Дел од елементите се создадени во студиото „Керакамика“ од клиентите кои редовно го посетуваат.
– Најголемиот дел од елементите се создадени во Преспа – реон кој за мене претставува втор дом и нуди неисцрпна инспирација за творештво, а останатите се создадени во Скопје, во нашето керамичко ателје. Користени се повеќе видови глина од различни региони на Македонија: Преспа, Неготино, Куманово и Велес. Природните разлики во составот на земјата создаваат богата палета на црвени теракотни нијанси, претворајќи ја материјата во сведоштво за различноста. Керамиките свесно ги обединуваат четирите елементи – земјата создава, водата обликува, воздухот суши, а огнот ја довршува трансформацијата – вели уметницата Ристовска.
Двете изложби се реализираат со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија. Ф.Д.

































