Деновиве излезе од печат новиот роман на Фросина Пармаковска, „Сѐ уште можам нешто да сторам“, во издание на „Или-или“. Тоа е роман за денешнината, за реалноста таква каква што ја гледаме, таква каква што ја живееме со сите недостатоци, предизвици и последици од стапиците што ни ги носи современото живеење. Како и во другите романи на Пармаковска, и во овој роман се доминантни психологизацијата на главниот и другите ликови од една страна, но и личните подеми, падови и резултирачкиот раст, созревање на главниот лик од друга страна. Ова е роман за суштинската промена однатре, промена што настапува како резултат на силни и длабоки потреси, искрени соочувања со себеси, долги разговори во себе низ многубројни непроспиени ноќи, роман за чудесното, соништата и постојаното поместување на границата помеѓу тие два света: реалното и чудесното.
Фросина Пармаковска, р. 1985 г., дипломирала на Филолошкиот факултет, на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на Културолошки студии. Авторка е на романите: „Пишувајќи ги изгубените топки“, „Вишнова хроника“, „Одбројување“ (роман на годината за 2017 г.) и „На враќање“.