Извонредните вокални гласови на италијанските тенори Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на Лоренцо Бицари, вчеравечер на Античкиот театар го означија почетокот на 62. „Охридско лето“.
Прогласувајќи го фестивалот за отворен, покровителот на „Охридско лето“, претседателот Стево Пендаровски, рече дека уметноста не треба да се сфати како бегство од животот, туку напротив, како моќна алатка што ќе ни ја овозможи уметноста на живеењето.
– Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признаени и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чии креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика – рече Пендаровски.
Според министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, „Охридско лето“ е потврда за нашиот идентитет и потврда дека сме дел од европската и светската култура.
– Нема педа од македонската земја под која нема запис од цивилизациите, од вековите, од нашето минато, од нашиот историски и културен идентитет. И врнело и грмело, и ниту уметниците ниту публиката ги напуштале сцената и столчињата. Такво е „Охридско лето“. Секоја година сè подлабоко во нашите срца, секоја година сè повисоко во дострелите и сè подалеку со добриот глас – рече Костадиновска-Стојчевска.
Уметничката порака на фестивалот годинава ја пренесе македонскиот композитор и музички уметник Горан Начевски.
– Привилегија е да се настапува на истата сцена на која настапиле имиња како Погорелиќ, Хворостовски, Карерас и многу други врвни светски имиња. Искрено, за мене како композитор и оперски пејач би било полесно да ја пратам уметничката порака во форма на соната, симфонија, опера или, пак, преку настап на концерт, но вечерва таа нека ги содржи зборовите што се синоним за уметност: љубов, радост, спокој, алтруизам, разбирање, копнеж, пожртвуваност, решителност, упорност, поддршка, инспирација, среќа, пријателства… – рече Начевски.
На годинешното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма, а ќе настапат над 1.000 уметници од 25 земји низ светот.