Овие денови Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје им е домаќин на триесетина учесници на летната школа што се организира во рамките на меѓународниот проект „Еразмус+“, „Модерни славистички студии“. Учесници на Летната школа се професори и студенти од Шлезискиот универзитет во Катовице, Полска, и од Остравскиот универзитет во Острава, Чешка. Тие покрај предвидените предавања во рамките на проектот, следат и интензивен курс по македонски јазик што го води Станислава-Сташа Тофоска. Реализацијата на Летната школа е во периодот од 9 до 19 јули во Скопје и во Охрид, а во програмата, покрај предавањата и часовите по македонски јазик, предвиден е разглед на знаменитостите на градот Скопје, посета на кањонот Матка и разгледување на градовите Охрид и Струга.
„Модерни славистички студии“ е меѓународен проект на Шлезискиот универзитет во Катовице, на Универзитетот во Острава и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Главната тема на проектот е визијата за славистика што ќе им одговара на потребите на денешниот свет и која ќе ја земе предвид разнообразноста на регионот со употреба на најновите трендови во дидактиката. Целта на проектот е програма за нови меѓународни магистерски студии што ќе црпат од потенцијалите на славистиката од различни земји, а тоа практично значи дека планираните предмети ќе ги предаваат стручњаци од Чешка, од Полска и од Македонија и од други словенски земји.