Познатата македонска виолинистка Пламенка Трајковска со својот гудачкиот квартет вечерва со почеток во 19 часот ќе одржи концерт во православната црква „Пресвета Богородица“ во општина Јеникој, Истанбул, Турција, на покана на Светата архиепископија на Константинопол. Концертот е во чест на екуменскиот патријарх Вартоломеј и промоцијата на книгата „Патријархот Вартоломеј од Имврос до Фанар “.

Во гудачкиот квартет покрај виолинистката Пламенка Трајковска ќе настапат и Сандра Крстевска на виола, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

На програмата се класични композиции, композиции инспирирани од македонскиот фолклорен мелос и авторски дела на Пламенка Трајковска.

Гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска досега реализирал голем број концерти на сите сцени во Македонија и на најзначајните фестивали кај нас, како „Скопско лето“, „Битфест“, „Штипско лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“, „Велешко културно лето“ и многу други манифестации. Членовите на гудачкиот квартет реализирале и концерти во Хрватска, Грција, Србија, Бугарија, Франција и воТанзанија.

Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура, Културно информативниот центар во Истанбул и Светата Архиепископија на Константинопол.