Во Ликовниот салон во Велес, вечерва, во 20 часот, се отвора Групната изложба на дела на ликовни уметници од Велес, со дела на четворица еминентни уметници што творат во различни ликовни правци, препознатливи по своето творештво.
– Изложбата има цел да ги презентира силината и индивидуалноста на ликовниот ракопис на секој од авторите, сликарите Живко Пренџов, Александар Јовановски-Мијак и Спасе Перовски, кои работат сликарски и графички техники, како и единствениот скулптор меѓу авторите, Илко Стојановски, автори што преку својата активност веќе се препознатливи и пошироко во регионот на меѓународен план, кои преку своите изложби и учества на голем број колонии, во земјава и надвор од земјава, ја промовираат македонската ликовна култура. Уште една нишка што ги поврзува авторите е што во еден пократок или подолг временски период имале успешна наставно-педагошка дејност – велат од Ликовниот салон.
Предводничката улога во графичката уметност му припаѓа на Живко Пренџов, кој огромен потенцијал од својата уметничка дарба му посвети на овој медиум. Александар Јовановски-Мијак твори во сликарски и графички техники, тој е исклучително плоден автор, со една нова реалистичност во сликарството во портретната и пејзажната уметност. Како носител на новото, експерименталното, неконвенционалното, тука е ликовниот уметник Спасе Перовски. Кај скулпторот Илко Стојановски, пак, истражувајќи во традицијата и модерното, човекот останува константа во неговото творештво, кое во најголем дел е базирано на портретот и фигурацијата.