Во Драмскиот театар премиерно беше одиграна претставата „За нас почнува живот“. Претставата се игра на мала сцена и улогите ги толкуваат Билјана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви, режијата е на Дејан Пројковски. Оригиналниот наслов на драмскиот текст е „Прав“ на унгарскиот автор Ѓерѓ Шпиро. Костимографка на претставата е Марија Пупучевска, автор на музиката е Горан Трајковски. Асистент на режија е Дамјан Димовски, преводот е на Маја Бражанска, а изработката на плакат и видео е на Стојан Стојановски.
– Маж и жена се борат и лутаат низ животните патишта и никако не успеваат да ја искачат својата животна планина, да ги победат своите проблеми и таму на врвот да уживаат во најубавото изгрејсонце и поглед на море. И токму кога сметате дека угоре е високо, а удолу длабоко добивате милиони на лото. И како понатаму… Претставата е со многу трагикомични ситуации, но и со многу комични дијалози што нѐ потсетуваат дека животот е убав и без добивка на лото.
Во што се претвори денес современиот човек, во што верува, во што се надева, има ли љубов во себе. Претставата се занимава со големите прашања за смислата на животот на малиот човек. Шпиро пишува како модерен Чехов, повторно за малиот човек со големи соништа. Современиот човек живее постојано со истите проблеми, очекувања и прашања. Можна ли е инстант среќа? Можно ли е еден ден да се разбудиме и во огледалото конечно да го погледнеме идеалниот човек, победникот, бесмртниот, најубавиот…
Има ли начин конечно жабата да се погледне во огледало и да види дека е принц – вели Пројковски за претставата.
Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта) е еден од најпознатите современи унгарски писатели. Дипломирал унгарска и словенска книжевност, а потоа новинарство и социологија. Со својот авангарден стил, ликови од маргините, со богат и сочен јазик, Шпиро секогаш умее да ја шокира традиционалната унгарска критика. Неговите драми се добитници на голем број награди и признанија, повеќе пати ја освојувал и главната награда за Најдобра унгарска драма на годината. Драмскиот текст „Пилешка глава“ (1986) е оценет како најважна унгарска драма во последните триесетина години. Помеѓу многубројните награди се издвојуваат Кошутовата награда, наградата „Атила Јожеф“, наградата на унгарска театарска критика „Тибор Дери“…