Натпреварувачкиот дел беше главното мени на медитеранската филмска трпеза на второто издание на фестивалот „Преку езерото“. Филмот „Траги на диви животни“ на српскиот режисер Ненад Павловиќ освои гран при за најдобар медитерански филм
Заврши второто издание на фестивалот „Преку езерото“ во Дојран
Еден перспективен новинар ќе добие задача да истражи убиство во 1979 година за време на комунистичка Југославија, кога социјализмот е во својот зенит и се живее подобро од кога било. Сѐ води кон тајните служби, фамозната УДБА и немилосрдните удбаши, кои во своите игри за моќ ги инволвирале своите семејства и деца… Оваа политичка драма потсетува на најдобрите времиња на српскиот и југословенскиот црн бран од 1960-тите. Филмот „Траги на диви животни“ на српскиот режисер Ненад Павловиќ го освои гран прито за најдобар медитерански филм на второто издание на фестивалот на балканскиот и медитеранскиот филм „Преку езерото“ во Дојран.
Наградата за најдобра медитеранска приказна му припадна на францускиот филм „Љубов според Далва“. Далва има 12 години. Живее со својот татко, се случува инцидент и полицијата се сомнева на најлошото, злоупотреба на дете. Режисерката Емануел Никот на вистински начин ја отвора најжестоката тема на денешницата – растурањето на семејните и човечките односи до крајните граници на моралот и етиката.
За најдобар режисер е прогласена Назли Елиф Дурлу од Турција. Нејзиниот филм „Зухал“ го затвори фестивалот под отворено небо. Секојдневната рутина на Зухал е нарушена од мјаукањето на мачка, кое таа постојано го слуша во нејзиниот стан. Иако никој од соседите не го слуша мјаукањето, таа почнува истрага низ целата зграда за да ја најде мачката. Иако навидум станува збор за мелодрама, „Зухал“ е филм што зборува за осаменоста на современиот човек и неговата патолошка потреба од тоа да се избори со сопствената немоќ да биде слушнат.
Домашниот филм „Сценарио“ на Александра Кардалевска ја доби наградата за најдобар краткометражен игран филм во кој неколку светски славни карактери од познати романи се загубени во фантастичниот свет на едно ново сценарио полно со апсурдни ситуации.
Натпреварувачкиот дел од фестивалот беше главното мени на медитеранската
филмска трпеза. Официјалната селекција беше составена од пет долгометражни и девет краткометражни играни филмови на автори од десетина балкански и медитерански земји.
Дел од официјалната селекција е и иранскиот филм „Трета светска војна“, филм што ја занеме публиката. Го прикажа животот на Шакиб, бездомен дневен работник. Градилиштето на кое тој работи моментално е претворено во сет за снимање филм за злосторствата што ги има направено Хитлер за време на Втората светска војна. Неочекувано, му се даваат филмска улога, куќа на располагање и шанса да биде некој и нешто. И го претвора во најлошата верзија од себе.
Вистинско изненадување беше и „Бродвеј“ што доаѓа од Грција. Некогашното блескаво атинско кино со холивудско име „Бродвеј“ е напуштено и руинирано, па во него живеат џепчии и ситни криминалци. И Барбара. Маж, жена, трансвестит.
– Во денешна Атина ништо не е така како што е во „Бродвеј“ во Америка. Сѐ што не знаете за современа Грција? Сѐ што не знаете за човечкото социјално и духовно дно. Сѐ што не знаете за животот пред пропаста на атинското кино „Бродвеј“, може да го видете во фасцинантната драма на Христос Масалас – истакна Јани Бојаџи.
Вчеравечер заврши филмски маратон од балкански и медитерански филмови, краткометражни и долгометражни, создавани по оригинални сценарија, кои иницираат суштински прашања, упатуваат длабоки пораки, креваат прав, со не толку вообичаени тематики. Филмови од Турција, Франција, Иран, Грција, земјата во фокус Србија беа дел од збитата програма на второто издание на фестивалот на балканскиот и медитеранскиот филм „Преку езерото“. Во Дојран пет дена циркулира културен бран. Дваесет филма во три селекции, од сите жанрови и со најразлични теми се проектираа под отворено небо, под ѕвездите на брегот од Дојранско Езеро. Шареноликата публика уживаше во импресивната селекција на Небојша Jовановиќ, уметнички директор и програмски селектор на официјалната програма на фестивалот.
– Кога денес ќе се вратам една година наназад, навистина, ама навистина, убеден сум дека полесно беше да се направи првото издание на нашиот фестивал. Минатата година немавме ништо, освен мечти, желби и страсти. Полесно е да се направи првиот фестивал, како што е полесно да се направи првиот филм, кога не ти е гајле за ништо друго, освен желбата и мечтата да се случи! Е па, токму поради тоа, јас решив и овој фестивал за мене да биде прв и овој пат да биде само мечта, само фантазија, само желба, само љубов, страв и страст. Фестивал е, нека се мечтае, нека се скита, нека се лудува и сонува и да нѐ однесе преку езерото. Ова е Балкан и Медитеран, соништата се остваруваат, особено ако во топлите ноќи како овие гледате во ѕвезденото небо и сонувате со отворени очи – истакна Јани Бојаџи, директор на фестивалот.