Фото: Илон Маск / Твитер

Илон Маск го објави новото лого на Твитер, избирајќи „минималистички арт деко“ симбол Х како дел од ребрендирањето на платформата.

Утрово корисниците на социјалната мрежа на десктоп компјутери ги дочека новото лого на врвот на нивните профили, на местото каде досега беше сина птица инспирирана од името на платформата. Дополнително знакот X сега може да се види при ажурирање на почетната страница, во сервисот „Твитер Блу“, како и во симболите покрај вработените во Твитер.

На почетната страница и понатаму стои синото копче „Tweet“, но вчера Маск веќе започна јавно да собира мислења за промена и на овој збор, откако ги запраша своите следбеници за нивни предлози во што треба да се смени зборот „твитање“.

До овој момент логото на Твитер не е изменето на мобилната апликација.

Маск вчера ја промени профилната слика со слика од новото лого, а во неговите биографски податоци под профилот сега стои адресата X.com, која води кон Твитер. Новиот заштитен знак беше и проектиран на зградата каде се наоѓа седиштето на Твитер во Сан Франциско. Сопственикот на Твитер напомена дека дизајнот на заштитниот знак веројатно ќе биде делумно променет и доработен во иднина.