Фото: М.М

Жири комисијата во состав Благој Мицевски, Игор Ивковиќ и Миодраг Неќак наградата „Гран При“ за најдобра претстава во целина на 12.издание на Интернационалниот детски театарскифестивал „Битолино“ , ја додели на претставата „Мирно! Статуата што го обиколи светот“, во режија на Костас Силвестрос, Панајотис Тофи, а во продукција на театарската група STILL! од Кипар.

На годинашниот фестивал „Битолино“ имаше можност да погледнат 12 претстави од 10 театри од девет земји од светот, со вкупно 100 учесници.

„Битолино“ кој оваа година се одржуваше под мотото „Следи ја светлината“, почна со театарската работилница „Митови и легенди за Битола“ под раководство на режисерот Благојче Божиновски, а покрај наградената претстава тука беа и претставата „Лажеш Мелита“ во режија на Драгана Милошевска Попов, во изведба на македонскиот професионален детски театар НУ „Театар за деца и младинци“, претставата „Срце во темнината“ во режија на Тања Лужар, во изведба на „Куклениот театар Марибор“ од Словенија, „Мил Рострос“ театарот од Мексико ја изведе куклената претстава „Малиот џин“ во режија на Ним Гардуњо, претставата-мјузикл „Исландска авантура“ во продукција на групата за изведувачки уметности „Знаци на север“ од далечниот Исланд, а во режија на Џени Лара Арносдотир.

На 12-то издание на ИДТФ „Битолино“ настапи групата од Грција, „Хипо“, кои ја изведоа претставата „Скитници“ во режија на Александрос Раптис, Фотис Доусос, тука беше и претставата „Под половина капка вода“ од Србија во продукција на „Станица – сервис за современ танц“, во режија на Јована Ракиќ Марко Милиќ, Милица Писиќ и Милена Тодоровиќ. Претставата „Каде е Фофо?“ авторскиот проект на победничката на 5-то издание на ИДТФ „Битолино“ Рути Тамир од Израел беше дел од „Битолино“, како и копродукцискиот проект на Куклената организација која навистина ни треба – LOFT и Уметничка организација CLOU од Хрватска, претставата „Лила” во режија на Морана Доленц.

Членовите на детската театарска школа Бабец, ја изведоа претставата „Сомнително лице“ во режија на Јулијана Мирчевска.

Инаку Фестивалот „Битолино“ се одржа на сцените на НУ Центар за култура Битола, а дел од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција се одржаа на сцената на НУ Народен театар Битола. ИДТФ Битолино е во организација на „Бабец театар“.

М.М.