„Галичник филм фестивалот“ по четврти пат се одржа викендов во стариот амфитеатар на Упија. Под мотото „Вдишете ја магијата на филмот“ беа прикажани краткометражни филмови од целиот свет.
Годинашната официјална селекција ја сочинува 33 краткометражни филмови од категориите на играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови и анимирани краткометражни филмови, кои веќе учествуваа на најпрестижните светски филмски фестивали, како „Канскиот филмски фестивал“, „Берлинале“, „Санденс“, „Сараевскиот филмски фестивал“, фестивалот на кратки филмови „Клермонт-Феранд“ и др.
Покрај филмската програма, „Галичник филм фестивал“ имаше и едукативен дел, односно работилници со Дејан Дуковски, кој ја предводеше Балканската сценаристичка работилница, и Андреј Волкашин, кој одржа мастерклас за развој на серии. Жири-комисијата, која одлучуваше за натпреварувачкиот дел од фестивалот, е составена од актерот Сашко Коцев, продуцентката Елена Станишева и режисерот Георги Унковски.
Затворањето на фестивалот беше резервирано за прикажување на ревијалниот долгометражен филм „Нешто слатко“, со Јелена Јованова и Сашко Коцев во главните улоги.
„Галичник филм фестивал“ е поддржан од Агенцијата на филм на Македонија, а реализиран од „Дарма филм“ и Месната заедница Галичник.