Моќниот вселенски телескоп на американската агенција НАСА, „Џејмс Веб“, детално ги фотографираше последните фази од животот на ѕвезда што умира.
Фотографиите покажуваат структура во облик на крофна што, всушност, е блескав гас познат како маглина прстен. Сместена на 2.600 светлосни години од Земјата, маглината е резултат на ѕвезда што умира и ги исфрла своите надворешни слоеви во вселената. Фотографиите би можеле да дадат клучен увид во животниот циклус на ѕвездите, сметаат научниците.
Заедно со сложените детали за шарената обвивка на маглината што се шири, фотографиите ја откриваат внатрешноста околу централното бело џуџе со извонредна јасност.
– Сведоци сме на последните поглавја од животот на една ѕвезда, поглед во далечната иднина на Сонцето. Набљудувањата на телескопот „Џејмс Веб“ отворија нов прозорец во разбирањето на овие инспиративни космички настани. Можеме да ја користиме маглината прстен како наша лабораторија за да проучуваме како планетарните маглини се формираат и се развиваат – рече д-р Мајк Барлоу, еден од водачите на тимот на астрономите што ги објавија фотографиите.
Терминот „планетарни маглини“ е погрешен назив што датира од 18 век кога астрономот Вилијам Хершел ги помешал нивните заоблени форми со облици на планети.
Маглината прстен е добро позната „планетарна маглина“, која се наоѓа во соѕвездието Лира и е видлива во текот на летото. Настанала кога ѕвезда на умирање исфрлила голем дел од својата супстанција во вселената, создавајќи различни обрасци и светли прстени, како и тенки облаци што изгледаат како да се брануваат нанадвор.
– Воодушевени сме од деталите на фотографиите, тие се подобри од кога било досега. Отсекогаш сме знаеле дека планетарните маглини се прекрасни, а она што го гледаме сега е спектакуларно – вели Алберт Зијлстра, професор по астрофизика на Универзитетот во Манчестер.