Почна фестивалот „Богородичен покров“

Осмиот меѓународен филмски фестивал за културни, духовни и хумани вредности „Богородичен покров“, кој е единствен од ваков жанр во нашата држава, се одржува со благослов на г.г. Стефан, архиепископ охридски и македонски. Годинава се одржува онлајн до 1 декември. Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни филмови посветени на културното и духовното наследство и на хуманоста, како и историски и биографски филмови.
– Фестивалот е основан во 2016 година и досега е поддржан од 12 амбасади во државата и од голем број стопански субјекти. Почесен претседател на фестивалот беше Јован Таковски, протојереј ставрофор, од 2016 до 2022 година. За жал, тој годинава се упокои и во негов спомен фестивалот ќе започне со неговото последно, досега необјавено интервју, посветено на јавувањето на Пресвета Богородица во селото Умлена, на што тој лично бил сведок – велат организаторите.
Од годинава, нов почесен претседател е Ѓоко Ѓорѓевски, професор на богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, автор на многу дела и трудови од доменот на богословските науки и поранешен амбасадор на Македонија во Ватикан.
Свеченото отворање беше во саботата со српскиот документарно-игран филм посветен на големиот светител Јаков Тумански. Филмот имаше промоција минатата година во Белград и предизвика голем интерес кај публиката. Свеченото затворање е со рускиот филм „Господе! Го чувствувам твоето доаѓање“, документарен филм посветен на најголемиот режисер на сите времиња Андреј Тарковски, чие сценарио се состои од неговиот необјавен дневник и интервјуа и е илустриран со неговите филмови.
– Програмата на фестивалот се состои од руски, српски, романски и македонски филмови. Фестивалот нема комерцијален карактер, сите филмски проекции и програми се бесплатни. Мисијата на фестивалот е да ги негува и шири духовните вредности меѓу луѓето и да се едуцираат младите генерации во насока на духовност, љубов, добрина, морал и пожртвуваност – велат организаторите.