Премиерата на претставата „Пикник на фронтот“ ќе се одржи утревечер, во 20 часот, во Драмскиот театар – Скопје. Претставата е работена по текст на Фернандо Арабал, а режијата е на Андреј Цветановски. Сценограф е Сергеј Светозарев, костимограф Раде Василев, а изборот на музиката го направи Димитар Андоновски. Во претставата играат: Биљана Драгиќевиќ–Пројковска,
Филип Трајковиќ, Дамјан Цветановски, Стефан Вујисиќ, Соња Стамболџиоска.
– Војната е чудовиште што голта сѐ пред себе, земји, градови, населби, квартови, згради, фамилии, луѓе… И не застанува пред ништо. Од тој момент сите амбиции, желби, соништа стануваат далечни и нормалниот живот како и да не постоел, само потребата да се преживее. Оваа претстава е за такви луѓе, на кои им е смачено да живеат по правилата на преживување, туку сакаат да си играат со животот и да се обидат од војната да направат своја игра, која ќе им биде терапија. Низ нивната приказна да раскажат колку е војната страшна, секогаш завршуваат во своите трауми од војната и настанот што ги одредил како луѓето што се сега, или лушпи од тоа што биле порано. Низ борбата да се остане човечен и да се сонува ќе ја раскажеме приказната за тие сенки од луѓе што сѐ уште се обидуваат да опстојат. Бидејќи деновиве додека се работат последните проби на оваа претстава, во Македонија се подготвува самитот на ОБСЕ, би сакал да ги поканам сите државници од „цивилизираниот“ свет да ја погледнат претставата, можеби, само можеби, така ќе имаме помалку лушпи од луѓе поради неа, поради војната – вели режисерот Андреј Цветановски за претставата.