Џез-матине на „Скопскиот џез-фестивал“, со промоција на новите календари за 2023 година и концертeн настап на триото на „Јордан Костов и френдс“, ќе се одржи денеска, од 13 часот, во кафе-барот „Мака“. Во триото учествуваат: Јордан Костов – хармоника, Дориан Јовановиќ – стик, ефекти, и Андреа Мирческа – контрабас.
Јордан Костов е македонски музички уметник, хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор, аранжер и продуцент. Тој им припаѓа на генерацијата млади македонски уметници што поодамна имаат раскрстено со предрасудите и кои го имаат надминато стравот од нормална творечка комуникација со глобалниот свет, создавајќи свој, сопствен, уникатен музички израз што упорно им пркоси на сите форми на комерцијалната музика. Слободна по својата суштина, авангардната музика на овој сестран композитор и инструменталист плови во водите на џезот и музиката на светот, едновремено апсорбирајќи ги влијанијата од класичното творештво и одржувајќи врска со македонската музичка традиција и нејзините егзотични скали и ритми. Како плоден композитор и поткован инструменталист (класично образование), тој од родното Кавадарци, преку работата со голем број македонски музички колективи („Ансамбл модерна“, „Свирци из Кавадарци“ и „Старовски“), во 2013 година беше поканет да учествува во швајцарско-кинеска програма за иницијатива во културата и уметноста. За таа намена, Костов напиша комплетно нова музика, која во ноември истата година беше изведена со Оркестарот на традиционални инструменти во Шангај. Оттогаш започнува неговата номадска музичка авантура во новото опкружување, која трае до денес и која повремено е прекинувана со неговите кратки престои во родната Македонија.
Јордан Костов зад себе има голем број настапи во државата и во странство, неколку албумски изданија („Јордан Костов & Ensemble Moderne“, „Salsa Journeys“, „Zlata’s Journeys“), музика за театарски претстави, како и соработки со повеќе музичари и групи. Тој негува слободен и експериментален израз, отворен кон најразлични музички стилови.