Меѓу хакерите и хакерскиот свет има хакери што станале многу познати во јавноста и помеѓу обичниот народ, не само помеѓу познавачите на компјутерите, поради делата што ги направиле. Некои од овие професионални хакери се обидоа да го подобрат светот, додека други сакаа да ги потврдат идеите за НЛО?! Некои посакуваа слава, додека други посакуваа пари. Секој од овие поединци значително, на еден или на друг начин, придонесе за развојот на интернетот и сајбер-безбедноста

Кои се најпознатите измамници што оставија свој криминален потпис во компјутерскиот свет

Секогаш кога ќе го чуеме зборот „хакер“, тоа нѐ асоцира на црната страна на компјутерскиот свет. Крадење информации, уцена, блокирање цели компјутерски системи, напади на влади, на државни институции се само мал дел од работите што ги поврзуваме со овој збор. Сепак, не сите хакери се од другата страна на законот. Некои од овие професионални хакери се обидоа да го подобрат светот, додека други сакаа да ги потврдат идеите за НЛО. Некои посакуваа слава, додека други посакуваа пари. Секој од овие поединци значително придонесе за развојот на интернетот и сајбер-безбедноста.

ДОБРИ, НЕ ТОЛКУ ДОБРИ И ЛОШИ ХАКЕРИ

Оние хакери што работат на подобрување на компјутерските системи во светот на компјутерџиите се нарекуваат „хакери со бела шапка“. Тој прекар го добиле затоа што нивното хакирање всушност е за доброто на компјутерската наука и за подобрување на работењето на компјутерите. Оние хакери, пак, што понекогаш ги прекршуваат етичките правила и стандарди во компјутерскиот свет се нарекуваат „хакери со сива шапка“. Лошите хакери, односно оние што незаконски го искористуваат секој недостаток во компјутерскиот свет се нарекуваат „хакери со црна шапка“. Експертите, а пред сѐ стручњаците за безбедност, кои посветиле голем дел од своето време за да ги анализираат нивните дела укажуваат дека оваа група хакери можат да предизвикаат огромна и непоправлива штета.

Кои се најпознатите хакери со црни шапки на сите времиња

Меѓу хакерите и хакерскиот свет има хакери што станале многу познати во јавноста и помеѓу обичниот народ, не само помеѓу познавачите на компјутерите, поради делата што ги направиле.
Еден од најпознатите хакери на светот е Кевин Митник, кој долго бил на врвот на листата, бидејќи е најпознатиот компјутерски хакер во светот. Митник ја добил и титулата за најбаран компјутерски криминалец во историјата на САД од Министерството за правда на таа земја. Митник ја започнал својата хакерска кариера уште на рана возраст. Во 1981 година, тој ја хакирал командата за одбрана на Северна Америка (НОРАД) и првпат го привлекол вниманието на јавноста. Мотивирани од ова, холивудските продуценти подоцна дури и снимиле филм инспириран од овие настани. Во 1989 година, Митник го хакирал мрежниот систем на „Дигитал екуипмент корпорејшн“ (DEC), за што бил уапсен и испратен во затвор. По ослободувањето, тој го хакирал системот за говорна пошта на „Пацифик бел“, и тоа само за да покаже дека може.

Алберт Гонзалес

Раниот водач на компјутерските „бубалици“, или како што во англискиот јазик ги викаат „нердови“, бил син на кубански бегалци. На само 12-годишна возраст, Гонзалес го купил својот прв компјутер со свои пари и две години потоа, откако добро го научил светот на компјутерите, успеал да ја хакира НАСА. Гонзалес бил уапсен на 22-годишна возраст и обвинет за измама со дебитни картички. Тој украл повеќе од 180 милиони сметки за платежни картички од различни компании. Гонзалес и неговиот тим украле речиси 256 милиони долари само од една компанија. Судот му одредил две последователни 20-годишни затворски казни и ќе биде ослободен во 2025 година.

Џонатан Џејмс

Џонатан Џејмс, познат под псевдонимот C0mrade, се смета за еден од најдобрите хакери во историјата. Тој само заради забава влегувал во мрежни системи на многу институции. Кога имал само 15 години, тој влегол во историјата во светот на компјутерскиот криминал. Упаднал во НАСА, Министерството за одбрана и Бел Саут и успеал да украде одреден софтвер. Овој настан предизвикал хаос, бидејќи НАСА морала да го исклучи системот на 21 ден. Во 2007 година, разни мрежи на познати компании биле пробиени со малициозни напади, за што првоосомничен бил токму Џејмс. Иако при разговорот со полицијата тој негирал дека го направил делото, од страв дека ќе биде обвинет, тој во 2008 година си го одзел животот.

Анонимуси

Речиси нема жител на планетава Земја што нема слушнато за хакерската група позната под името Анонимуси. Тие се најозлогласената хакерска група во светот, без никакво валидно членство и хиерархија. Во името на анонимус, секој може да направи сѐ. Речиси две децении оваа група хакери застапуваат организација фокусирана на концептот на социјална правда. Кога Русија ја нападна Украина оваа година во февруари, профилот на Твитер наречен „Анонимни“, со 7,9 милиони следбеници, објави сајбер-војна против рускиот претседател Владимир Путин. По тоа, групата тврдеше дека ги оневозможила веб-страниците на руската влада. Анонимуси работеа со десетици светски влади за социјални и политички цели во име на „хактивизмот“.

Астра

Астра е санскритски збор за „оружје“. Под псевдонимот Астра, грчки хакер помина повеќе од пет години крадејќи информации за технологијата на оружје од серверите на француската компанија за авиони „Дасо груп“. Вистинскиот идентитет на Астра сè уште не е идентификуван. Во 2008 година, се појави шпекулација дека е тоа 58-годишен грчки математичар, кого властите го приведоа, но никогаш не се потврди неговиот вистински идентитет. Неговото хакирање предизвика загуба од 360 милиони долари на компанијата, а тој доби шестгодишна затворска казна.

Адријан Ламо

Номадскиот начин на живот на Адријан Ламо му го донесе прекарот „хакер бездомник“. И покрај тоа, тој беше успешен во 2002 година поради упадот во внатрешните компјутери на весникот „Њујорк тајмс“. Преку овој напад, Ламо доби пристап до доверливи бази на податоци, вклучувајќи ја и онаа што содржеше лични податоци на над 3.000 лица што пишувале за делот „Оп-Ед“ на весникот. Тој доби двегодишна затворска казна и парична казна од околу 65.000 долари.

Мајкл Калс

Мајкл Калс, познат како Мафијабој, ги презел мрежите на универзитетските компјутери кога имал само 15 години. Користејќи ги комбинираните ресурси, тој потоа го симнал водечкиот пребарувач во тоа време „Јаху“. Во рок од една недела, тој го започнал својот сега познат DDoS напад против „Дел“, „Ибеј“, „Си-ен-ен“ и „Амазон“. Денес тој е хакер со бела капа и промовира тестирање за сајбер-безбедност. Исто така, тој работи на обука за издигање на свеста за да ги заштити бизнисите од опасностите на интернет.

Кевин Поулсен

Како тинејџер, Кевин почнал да се пробива во компјутерската мрежа на Пентагон. До крајот на деценијата, во 1988 година, направил уште еден напад, по кој и официјално отишол во илегала за да не биде фатен. Во 1990 година, тој се нашол на насловните страници, кога упаднал во радиостаница за да победи на натпревар за сосема ново „порше“, патување и 20.000 долари во готовина. Тогаш тој бил приведен и осуден на тригодишна забрана за пристап до компјутери. Денес и тој е хакер со бела капа, а работи и како писател.

Гери Мекинон

Помеѓу 2001 и 2002 година, шкотскиот хакер по име Гери Мекинон беше успешен во пробивањето на 97 американски воени мрежи. Тој, на интернет-страницата на војската, наводно објавил реченица „Вашата безбедност е глупост“. За овој хакерски напад тој тврдел дека барал податоци за прикривање на НЛО. Сепак, американските власти тврдат дека тој избришал некои клучни податоци, оставил неупотребливи 300 машини и предизвикал штета од над 700.000 долари. Иако САД се обидоа да го екстрадираат, тој сè уште живее во азил во Обединетото Кралство.

Џулијан Асанж

Најпопуларен меѓу сите хакери е Џулијан Асанж, кој почнал да хакира под псевдонимот Мендакс. Тој имал пристап до мрежите на Пентагон, Ситибанк, Локхид Мартин, НАСА и универзитетот „Стенфорд“ во текот на четири години. Во 2006 година, тој убаво го протресе светот со основањето на Викиликс, форум за објавување доверливи информации и протекување вести од сигурни извори.
За да се поднесе обвинение против Асанж според Законот за шпионажа од 1917 година, САД отворија истрага против него во 2010 година. Две години подоцна, тој доби политички азил во Еквадор, но не можеше да замине таму. Живееше во амбасадата на оваа земја во Лондон. Откако во 2019 година Еквадор го укина азилот за Асанж, веднаш беше уапсен од страна на британската полиција.

[email protected]