Нема едноставно објаснување зошто Хрватска е толку скапа кога станува збор за храна и облека. Веројатно станува збор за сплет на разни неповолни околности. Релативно мал пазар, високо даночно оптоварување во споредба со степенот на развој (втора највисока стапка на ДДВ во ЕУ), слаба конкуренција во последните децении, потрошувачки навики итн.

Не престануваат ценовните анализи по воведувањето на еврото во Хрватска

Во Хрватска не престануваат дискусиите и анализите поврзани со воведувањето на еврото и порастот на цените во малопродажбата, со што се соочија граѓаните веќе од првите денови на новата година. Можноста што им се укажа со потребата од конверзија на цените и нивно „заокружување“ на вредноста од новата валута, трговците и продавачите на услуги (фризери, кафулиња и сл.) вешто ја искористија ситуацијата за да протуркаат ново поскапување, а виновникот е еврото.
Граѓаните со голема доза незадоволство се соочија со новата реалност, па во медиумите и на социјалните мрежи се појавија лавина анализи, пред сѐ на цените во трговските синџири, кои први се најдоа на нишанот на просечниот Хрват соочен со поскапувањата. Притоа, едно од најболните сознанија беше дека исти малопродажни синџири што работат во Словенија и Хрватска имаат повисоки цени за одредени производи, најчесто од иста марка, во Хрватска отколку во Словенија. Дотолку повеќе е болно сознанието ако се знае дека просечната месечна нето-плата во Словенија е приближно 40 отсто повисока од Хрватска (податоци за 2021 година), па, според логиката на платежната моќ, цените во Словенија би требало да бидат многу повисоки отколку во Хрватска.
Некои од аналитичарите укажуваат да се биде внимателен со оваа информација и да се разгледа од сите агли за да не се добијат погрешни заклучоци. За таа цел, за да се елиминира ефектот на личната перцепција, се укажува дека е неопходно да се користат податоци од организации што професионално ги следат цените на различни пазари и користат статистички алатки за прикажување објективни разлики. За да се елиминира какофонијата на податоци што ќе ја заматат вистината, експертите укажуваат дека е најдобро да се фокусираат на цените на храната. Истражувањата покажуваат дека трошоците за храна и пијалаци се најголемиот поединечен трошок на граѓаните во Хрватска, па од таа гледна точка е корисно да се ограничи дискусијата на цените на храната. Изминативе денови јавната дебата и онака беше насочена кон прехранбените производи.

Непријатна споредба со Словенија и со Унгарија

Во овој случај, објективните податоци релативно се совпаѓаат, односно храната во Хрватска е навистина релативно скапа во споредба со стандардот на граѓаните и економската моќ. За да се прошири дискусијата, Унгарија ја споредуваат и со Хрватска и Словенија.
Споредено со просекот на ЕУ, Словенија има малку повисоки цени на храната од Хрватска. Во Унгарија, каде што куповната моќ и стандардите се повеќе слични на Хрватска отколку на Словенија, цените на храната се многу пониски. Така, нивото на цените во Словенија е речиси идентично со просекот на ЕУ (100,3 отсто од просекот на ЕУ), Хрватска е малку поевтина од просекот на ЕУ (94,5 отсто од просекот на ЕУ), а во однос на цените на храната, Унгарија е многу поевтина од Хрватска и Словенија (85,2 од просекот на ЕУ).
Кога ќе се земе предвид дека просечната плата во Хрватска е многу помала отколку во Словенија, јасно е дека граѓаните на Хрватска релативно поскапо плаќаат прехранбени производи од граѓаните на Словенија. Во споредба со Унгарија, платите во Хрватска се повисоки, но не толку за да ги „оправдаат“ повисоките цени на храната.
Сите досегашни податоци се однесуваат на 2021 година, а поради високиот раст на цените на храната во 2022 година се малку застарени. Но во таа година растот на цените беше сличен во Словенија и во Хрватска, па сѐ уште важат истите заклучоци. Најголемата промена се случи со Унгарија, бидејќи растот на цените на храната во таа земја во текот на 2022 година беше еден од највисоките во ЕУ.
Земајќи ја просечната цена од 2015 година како основа за мерење, во јануари 2022 година цените на храната во Хрватска беа за 16,7 отсто повисоки отколку во 2015 година. Цените нагло пораснаа во текот на годината, па во ноември беа речиси за една третина повисоки од 2015 година (29,94 отсто). Во Словенија растот е сличен (28,84 отсто), но во Унгарија цените на храната во ноември 2022 година биле дури за 81,95 отсто повисоки од 2015 година.
Целта на споменатите податоци е двојна. Прво, иако субјективната перцепција може да им покаже на некои луѓе дека храната во Словенија е поевтина отколку во Хрватска, тоа, сепак, не е точно во апсолутна смисла. Но во релативна смисла, во однос на платите, тоа е точно.
Друга цел е да се покаже дека разликата во цените на храната не е скорашна. Цените на храната во Хрватска отсекогаш биле релативно високи, а еврото нема никаква врска со тоа. Заедничката валута само го отстранува превезот што беше курсот на куната во однос на еврото, што ги отежна споредбите и ја искриви перцепцијата за разликите во цените. Со еврото, Хрватите точно знаат колкави се нивните плати и цени во продавниците во споредба со Словенија. Превезот на куната, кој го замати погледот на цените и платите во Словенија поради курсот, е отстранет.

Зошто цените во Хрватска се превисоки со оглед на платите?

Тешко е да се даде јасен одговор на прашањето зошто цените во Словенија се релативно пониски отколку во Хрватска. На цените не влијаат само стандардот и платите, има цела низа фактори што водат до формирање на крајната цена во продавниците. Даночната политика е дефинитивно една од нив, но не е единствената одговорна за разликите. ДДВ за прехранбените производи во Словенија е 9,5 отсто, додека во Хрватска е 5 отсто за многу помал сет на прехранбени производи.
Секако, ДДВ од 25 отсто за прехранбените производи што не се опфатени со намалената стапка на ДДВ од 5 отсто во Хрватска, а се оданочуваат со стапка на ДДВ од 9,5 отсто во Словенија, во Хрватска ќе мора да ги поскапи само поради тој факт. Но некои производи на кои стапката на ДДВ во Хрватска е 5 отсто често се поскапи отколку во Словенија со стапка на ДДВ од 9,5 отсто.
Разликите во цените не можат да се објаснат само со различни даночни стапки. Многу поважно е нивото на конкуренција на пазарот. И таму Хрватска има дефицит во однос на Словенија. Тука анализите ги земаат предвид големите трговски синџири што го диктираат пазарот. Иако ова можеби е дел од причината зошто цените во Хрватска се релативно високи, се нагласува дека малопродажните синџири во Словенија се натпреваруваат и со малопродажните синџири во Австрија, Италија и Унгарија, бидејќи таа е членка на Шенген и на еврозоната од 2007 година. Од преглед на податоците за цените на ниво на земји-членки на ЕУ, може да се забележи дека Хрватска е навистина релативно скапа земја со оглед на нивото на платите и економскиот развој. Цените на храната, облеката и комуникациските услуги се особено високи во споредба со сегашниот стандард.
Разликата меѓу цените во Словенија и Хрватска не ја одразува разликата во стандардот и платите, бидејќи разликата во цените е многу помала од разликата меѓу платите, на штета на Хрватска. Словенија не е изолиран случај, бидејќи цените на храната се дури и апсолутно повисоки во Хрватска отколку во Чешка и Полска.

Сплет на разни неповолни околности

По сето ова, многу е тешко да се донесе заклучок. Нема едноставно објаснување зошто Хрватска е толку скапа кога станува збор за храната и облеката. Веројатно станува збор за сплет на разни неповолни околности. Релативно мал пазар, високо даночно оптоварување во споредба со степенот на развој (втора највисока стапка на ДДВ во ЕУ), слаба конкуренција во последните децении, потрошувачки навики итн.
Но неколку работи се јасни. Гледајќи го трендот на раст на цените во Хрватска и Словенија до 2022 година, ефектот од воведувањето на еврото, односно најавата за воведување на еврото, не постоеше или беше занемарлив. Цените растеа еднакво, како што беше случај во последните неколку години.
Добар доказ дека поскапувањето на храната (или што било друго) во 2022 година не е предизвикано од влезот во еврозоната е Унгарија, која бележи огромен пораст на цените на храната иако не размислува за влез во еврозоната во скоро време. Едноставно, разликите меѓу Словенија и Хрватска и Унгарија и Хрватска одат многу подалеку во минатото, пред влезот на Хрватска во ЕУ и еврозоната.
Укинувањето на валутните разлики меѓу Хрватска и Словенија, а со тоа и разликите во изразувањето на цените, им олесни на Хрватите да ги споредат двете земји. Еврото не може да се обвинува за нешто што е случај со години. Оние што ги покачија цените по 1 јануари 2023 година не го направија тоа поради зголемените деловни трошоци, туку, напротив, опортунистички ја искористија ситуацијата со воведувањето нова валута и нарушената перцепција за монетарната вредност кај граѓаните.
Секоја интервенција на државата во ова прашање само ќе ја влоши ситуацијата. Најдобар начин е граѓаните сами да бараат подобри цени на производите и да не бидат лојални на одреден малопродажен синџир, туку да ја сменат продавницата во која пазарат, со оглед на нивото на цените.

Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска