Фото: АРЕА

На 19 и 20 април во Филхармонија ќе се одржат двата акустични концерти на рок-групата „Ареа“. Членовите на познатиот гостиватски бенд, најавуваат акустична музичка магија и патување низ нивната 30-годишна музичка кариера.

Два акустични концерти „Ареа“ одржаа и 2010-та година во Универзалната сала, а интересно е што овој пат на сцената друштво ќе им прават четири девојки кои се членки на Филхармонија.

– Со нас ќе настапат две виолинисти и две девојки кои свират на виолончело. Така ќе се претставиме со сосема нов аранжман на музика, којшто се разликува од оние кои ги слушала публика на нашите концерти во живо – вели вокалистиката Ружица Милошеска-Брчиоска.

Таа дополни дека со оглед на тоа дека „Ареа“ постои 31 година и зад себе имаат седум албуми на сцената ќе има музика за сечиј вкус.

Дека двата најавени концерти ќе бидат поразлични потврдува и Ивица Брчиоски, гитарист на групата „Ареа“ и сопруг на Ружица, кој вели дека концертот ќе биде интересен затоа што аранжманите се комплетно изменети и се адаптирани на оркестарот со кој ќе свират.

– Станува збор за акустични аранжмани. Нема да има електрични гитари и се ќе звучи сосема различно од она што до сега го слушнала публиката од нас. Ќе биде ова настап интересен за слушање – вели Брчиоски.

Првиот концерт закажан за 19 април е одамна распродаден, додека за вториот, саботниот, се останати уште многу мал број билети.

M.T