Mултимедијалниот фестивал што ја поттикнува и промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување „АртАреа/Артерија“ почнува денеска во „Буква“. Во рамките на програмата е предвидена изложба на фотографии „Discrepancity“ на Божин Трпевски, како и промоции на романот „Естом“ од Николина Андова Шопова, книгата „Скопски улици“ од Васко Марковски, „Илегален Парнас“ од Бојан Бабиќ и „Век со Конески, мигови со Блаже“ од Владимир Мартиновски.
Ќе се одржи панел-дискусија во организација на издавачка куќа „Сказнувалка“, на тема „Предизвикот на културолошкиот контекст во преведувањето книжевност за деца и за млади. Положбата на книжевниот преведувач во македонското општество“, на која учесници се: Милан Дамјаноски (модератор); Катерина Сотирова (книжевна преведувачка); Александра Јуруковска (книжевна критичарка); Искра Димковска (уредничка). Предвидена е и дискусија на тема „Редефинирање на (не)зависната театарска сцена и театарски перформанс – монодрама ‘Срам’“.
Концерти и диџеј-сетови исто така се дел од програмата на фестивалот.