Изложбата „Архивски документи“ на ликовната уметница Жанета Вангели во македонскиот Културно-информативен центар во Белград е продолжение на програмските активности на Националната галерија за 2026 година. По нејзиното претставување во македонскиот КИЦ во Загреб минатиот месец, овој проект ќе биде реализиран и во македонскиот Културно-информативен центар во Белград со поддршка на Министерството за култура и туризам.
Изложбата ќе биде достапна за публиката до 6 мај.
Националната галерија продолжува со промоција на македонската култура и современата уметност во Република Србија. По минатогодишното претставување на група современи македонски уметници во Културно-информативниот центар во Белград, соработката со македонските културно-информативни центри продолжува и оваа година. Изложбата „Архивски документи“ е прво самостојно претставување на Вангели пред српската публика и содржи 41 дело во техниката плотер-принт и аудиоматеријали.
– Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност. Оваа нејзина изложба всушност е една сублимација на главните интересни зони што се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што го сведочи таа. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем – пишува Маја Крстевска, виша кустоска.
































