Фото: Приватна архива

Ликовниот уметник Душан Коцев од Радовиш со изложбата со наслов „Копнежот на светлината“ која синоќа беше отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци го одбележува својот јубилеј 30 години ликовно творештво.
Коцев во Кавадарци се претстави со 22 ликовни дела изработени во 2022 и 2023 година во акрилна техника на платно. Тој својата пасија кон уметноста ја има претворено во реалност уште пред 30 години. Веќе 8 години е организатор на меѓународната „Радовишка ликовна колонија“, а е учесник на голем број групни изложби од меѓународен карактер. Јубилејната изложба во Кавадарци е негова четврта самостојна изложба .
Насловот на изложбата „Копнежот кон светлината“ всушност е темата кон која со многу луцидност и огромна творечка енергија се навраќа авторот низ повеќе од дваесетина уметнички дела изработени во акрилна техника на платно прикажувајќи ни ја вечната борба меѓу доброто и злото а во преносно значење меѓу светлината и темнината- ќе напише професорот Славчо Атанасов .
-Во својата бескрајна борба против темнината, светлината стои како неоспорен водич и вдишувач на инспирација за човечката душа. Секојдневно на фронтот на животната битка уметниците се издигнуваат како светилка која нежно го растргнува мракот и ја разубавува реалноста. Моите дела се приказна на светлината и мракот, одраз на патот што го изминуваме во борбата со темнината. Тие ни ги прикажуваат тежината на борбата, н, и ја подигаат светлината на надежта што несомнено се наоѓа во секој сегмент од нашиот живот. Преку насловите кои ги одбрав за делата „Копнеж“, „Желба“, Сите дишеме светлина“, „Взаемна поврзаност“….всушност сакам да потсетам дека светлината никогаш не избледува и секогаш ќе го осветлува патот пред нас, потребно е само да сме подготвени да ја прифатиме и да ја споделиме. Сметам дека делата се доказ дека светлината може да биде најсилната креативна сила способна да ги осветли најдлабоките и најтемните точки на човечката душа. Затоа уметниците јас ги нарекувам како вечни борци на светлината кои го оставаат својот белег во нашиот свет. Нивната инспирација го оживува и и го возвишува човештвото и му помага да продолжи напред секојдневната борба со темнината- изјави авторот Душан Коцев во своето обраќање на отворањето на изложбата во Кавадарци. М.М.