Фото: ЕПА

Лидерите од Западен Балкан се сè пофрустрирани поради тоа што Украина добива неоснован преференцијален статус за европско интегрирање, односно за почеток на преговори со ЕУ, со што се прескокнуваат други (балкански) земји во процесот на пристапување во Унијата. На овој начин дополнително се одложуваат децениските напори на владите на земјите од Балканот да ѝ се приклучат на Унијата

Лидерите на Западен Балкан сѐ поотворено за нееднаквиот третман на ЕУ за евроинтегрирањето

Најновите пораки од Брисел за прием на нови членки во Европската Унија до 2030 година не го намалија незадоволството на земјите од Западен Балкан што долги години чекаат пред вратите на „обединета“ Европа. Некои лидери од Западен Балкан се сè пофрустрирани поради тоа што Украина се става на брзата лента за почеток на преговори со ЕУ, со што се прескокнуваат другите земји во процесот на пристапување во Унијата. На овој начин дополнително се одложуваат нивните децениски напори да ѝ се приклучат на Унијата.

Прашалникот за добивање кандидатски статус на Украина

Повод за незадоволството кај лидерите од Балканот е минатогодишната одлука да се предаде прашалникот за добивање кандидатски статус на Украина. Овој документ украинскиот претседател Володимир Зеленски го презеде лично од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, која на конференцијата во Киев порача дека ЕУ ќе ја поддржи Украина за да се осигури дека пополнувањето на прашалникот ќе трае недели, а не години, бидејќи процесот е донекаде забрзан со војната.
По ова следуваа сѐ позачестените јавни забелешки за нееднаквиот третман од Европската Унија во однос на пристапните процеси на земјите од Западен Балкан. Пред еден месец ЕУ вети дека ќе го забрза членството на шест земји од Западен Балкан – Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, Македонија и Босна и Херцеговина. Како најважна изјава во тој правец е онаа на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој тврди дека првите пристапувања треба да се случат до 2030 година!
– Немам ништо против Украинците. Но, нивото на поддршка на ЕУ за Украина, давањето статус на кандидат за ЕУ во рок од една година од нејзиното аплицирање и потенцијалното започнување на преговорите за членство следната година, претставува јасна политичка поддршка, која никогаш не била манифестирана кон Србија – изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за „Фајненшл тајмс“.
Киев поднесе барање за членство во февруари 2022 година, неколку дена по почетокот на воениот конфликт, и доби кандидатски статус четири месеци подоцна. Спротивно на тоа, Белград мораше да чека повеќе од четири години откако аплицираше за да започне преговори за членство во 2014 година. Преговорите на Србија во моментов се заглавени поради неколку прашања, особено неуспехот на Белград да ги нормализира односите со својата поранешна покраина Косово, која прогласи независност во 2008 година. Србија исто така е единствената земја од Западен Балкан што не ги усвои санкциите на ЕУ против Русија, што дополнително ги намалува нејзините изгледи за членство, пишува во текстот на „Фајненшл тајмс“.

Зарем војна може да го забрза членството во ЕУ?!

Незадоволство од односот на Европската Унија изрази и албанскиот премиер Еди Рама, кој на неодамнешниот настан во Словенија по најавата на Мишел фрли сомнеж за новата цел и се пошегува дека примерот на Украина покажува дека војната може да го забрза членството.
– Кој кого треба да нападне во овој панел за побрзо да го добие членството? Бугарија лесно може да ја нападне Македонија, Хрватска може да ја нападне Србија, Србија може да го нападне Косово, Босна може да се нападне самата себе… за да можеме сите да бидеме подготвени да се приклучиме на возот со Украина – ги праша Рама на шега колегите лидери присутни на отворениот панел.
Додека побрзиот напредок на Украина предизвикува фрустрации кај многумина од земјите во регионот, од Македонија, која е членка во НАТО и која чекаше 18 години пред да ги започне преговорите за членство во ЕУ, беа искажани ставови дека Украина, која е земја разурната од војна, не ја смета за „конкуренција“на европскиот пат.
– Исходот од војната во Украина ќе ја дефинира судбината на самата Унија. На Украина не треба да се гледа како на привилегирана затоа што Украина не се бори само за себе, таа се бори за иднината на континентот – рече Бујар Османи, министер за надворешни работи на Македонија.
Распадот на Југославија во 1990-тите доведе до војни меѓу Србија, Хрватска, Босна и Косово, што доведе до десетици илјади смртни случаи и милиони луѓе раселени. Некои непријателства, вклучувајќи и околу составот на Босна и статусот на Косово, постојано се разгоруваа оттогаш, што ја прави нивната интеграција во ЕУ уште понеостварлива.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, повторно порачува дека „без нормализација, нема да има европска иднина ниту за Косово ниту за Србија“. Косово аплицираше за членство во ЕУ минатиот декември и допрва треба да добие кандидатски статус, се наведува во анализата на угледниот весник.
Српскиот претседател Александар Вучиќ смета дека одложувањата на преговорите не ја одразуваат реалноста во неговата земја, за која тврдеше дека е „многу подобро подготвена отколку што беа Романија и Бугарија во 2007 година, кога ѝ се приклучија на ЕУ“. Тој исто така ја обвини опаѓачката способност на ЕУ да апсорбира нови членки.
– Слушнавме за 2025 година, сега е 2030 година. Којзнае што ќе се случи за седум години? Апсорпциската моќ на ЕУ не е поголема отколку што беше. Имате 10 нето-придонесувачи и 17 земји што им ги земаат парите. Ниту еден од нив не би сакал да има повеќе членови во списокот за плаќање – рече Вучиќ.

Аналитичари од Балкан констатираат дека „ако погледнеме наназад, ќе видиме како ЕУ го прекршува секое ветување!“

На конференцијата на Западен Балкан во Словенија, Мишел рече дека руско- украинската војна принудно го оживеа балканското проширување по две децении стагнација, за што ја најави и амбициозната цел за проширување во 2030 година.
Аналитичарите сметаат дека оваа заложба е неубедлива, со оглед на постојаните грижи за владеење на правото и корупцијата и други прашања што ги кочат со години.
– Мислам дека овој датум од 2030 година нема смисла. Геополитичкиот момент од Украина е важен, но тој е многу тежок. Но, во споредба со ситуацијата со 2003 година, кога за првпат беше објавено членството на Западен Балкан, можам да кажам дека чувството на итност беше поголемо бидејќи насилните конфликти во регионот штотуку завршија – изјави за јавноста Јасмин Мујановиќ, политиколог од Босна и Херцеговина.
Во 2003 година ЕУ немаше конкуренти, Русија и Кина не беа закани, а за процесот на проширување на Европската Унија имаше многу поголем степен на оптимизам. Но, 20 години подоцна, „ако погледнеме наназад, ќе видиме како ЕУ го прекршува секое ветување, не успева на секоја закана. Има многу мала надеж за некакво веродостојно подобрување“, заклучува овој експерт и добар познавач на состојбите на Западен Балкан.