Фестивалските ноќи на ова издание почнуваа со поинаков распоред. Секоја вечер на зајдисонце фестивалските врати се отвораа со музичка програма и со настапи на македонски филмски уметници, актери, театарџии, кои создаваа атмосфера за удобно кинодоживување на плажа во жешките летни вечери, вели Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“

Со премиерата на македонскиот независен филм ТМ, во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, се затвори третото издание на фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“, кое оваа година се одржа во Охрид на плажата „Св. Стефан“, бродот „Армада“ и во гимназијата „Св. Климент Охридски“.
– Билетите за сите пет фестивалски денови беа однапред распродадени, се бараше карта повеќе, но, за жал, бевме ограничени поради протоколите за заштита, кои се почитуваа максимално. И покрај неизвесноста од новата глобална ситуација, фестивалот помина одлично – вели Ана Опачиќ, директорка на „Бич филм фестивал“, кој е насочен кон презентација и промоција на новата европска кинематографија и новите европски филмски автори.
На ова издание беа прикажани филмови од 14 земји, а најмногу од Медитеранот. Голем дел од филмовите во официјалната селекција ќе се прикажуваат премиерно во регионот. Се одржаа и две едукативни работилници, „Озвучи ја својата имагинација“ предводена од актерката и театролог Христина Цветаноска, и „Од филм без буџет до долгометражен филм“ со Ивица Димитријевиќ и Мартин Иван, поддржана од Европската делегација.

– Фестивалските ноќи на ова издание почнуваа со поинаков распоред. Секоја вечер на зајдисонце фестивалските врати се отвораа со музичка програма и со настапи на македонски филмски уметници, актери, театарџии, кои создаваа атмосфера за удобно кинодоживување на плажа во жешките летни вечери, со почеток на проекциите од 21 ч., па до полноќ – вели Опачиќ.
Фестивалот започна на 22 јули со светската претпремиера на играниот филм „Сплавот“ во режија на Одед Раз од Израел, филмска програма за млади, а потоа беа прикажани македонски студентски филмови со чии автори публиката имаше можност да разговара по проекциите. Официјалното отворање беше на две локации, на плажата „Св. Стефан“ каде што беа прикажани кратки играни филмови од официјалната селекција и српскиот филм „Асиметрија“, како и на бродот „Армада“ каде што посетителите имаа можност да го погледнат филмот „Прозорец кон морето“ и да уживаат во свежиот езерски воздух пловејќи по Охридско Езеро. Претпоследниот ден го одбележи проекцијата на два играни филма – рускиот „Слободен сум“ и холандскиот „Кала Азар“. За опуштање на атмосферата пред филмската програма се погрижија домашни актери со свои диџеј-сетови.

Од вкупно 30 филма од 14 држави, жирито во состав: Наташа Петровиќ, Вардан Тозија и Елена Станишева, наградата за најдобар игран филм ја додели за „Кала Азар“ во режија на Јанис Рафа, додека за најдобар краткометражен игран филм беше избран „Блузот на Фармерот“ во режија на Ибер Деари. Специјалната награда за актерско остварување „Стефан Сидовски СИДО“ ја доби Ема Суарез од филмот „Прозорец кон морето“ и наградата за најдобар студентски филм беше доделена за „Соба бр. 16“ во режија на Владимир Владимиров.