Книгата „Времето на Перонов“ на Санта Аргирова, вечер ќе биде промовирана во книжарницата „Култура“, која е издавач на делото.

„Времето на Перонов“ е веројатно најмрачниот и најмачен дел од трилогијата на авторката Санта Аргирова. По негативните ликови во „Портретот од Дрезден“ и во „Добро утро Јаков“ ликот на Перонов е кулминација на злото кое човек на човека може да му го направи.

Перонов е демонски актер на нашето време – врвен манипулатор кој од позиција на министер за внатрешни работи ја одредува судбината на луѓето престорувајќи ги или во свои жртви или во соучесници на злото.

Невиноста на Рената за Перонов е уште една привилегија на неговиот импулс за насилство и тој ужива во нејзината покорност и болка додека таа се бори да го спаси својот татко, длабоко заглавен во живиот песок на подаништвото.