Андреја Хриберник, кураторка и директорка на музејот на модерната и современа уметност „Корошка“, вечерва, во 20 часот, ќе одржи предавање во МСУ со физичко присуство. Насловот на предавањето е „Уметноста може да го промени светот?“
Во 1975 година, група студенти по уметност од Ротердам го посетиле Словењ Градец под менторство на Тон Вегнер. Тоа било поинакво време. Тие имале утописка идеја да основаат идилична уметничка резиденција во градот, со галерија чија програма би била посветена на идејата дека уметноста може да го промени светот. Тие подготвиле изложба посветена на антиколонијализам, антивојна и антинасилство. Ова предавање ќе даде увид во утопискиот аспект на минатиот ангажман на младите уметници во музејот на модерната и современа уметност „Корошка“ и ќе ги погледне овие активности низ перспективата на современите облици на вклученост на млади уметници во уметничката сфера. Дополнително, ќе направи краток осврт на изложбите и отворените повици, кои се фокусираат на млади и нови уметници во Словенија.
Андреја Хриберник преку својата работа ја адресира комплексноста на музеите како историски и геополитички места, каде што современата уметност ги испитува конфликтите и борбите од сегашноста. Во 2017, таа беше именувана како кураторка на националниот павилјон на Венециското биенале.