Во организација на културниот центар „Бран“ од Струга и меѓународната ревија за литература „Бранувања“ во центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во овој град се одржа послание во чест на писателот Петко Шипникаровски (1946 – 2020). Постхумно беа промовирани две негови книги: поемата „Обденица“ и збирката раскази „Вечен живот“.
Промотор беше истакнатиот поет и публицист Мишо Китаноски, уредник на ревијата „Бранувања“ и еден од најблиските соработници на Шипникаровски. Тој се осврна на неговото творештвото и ја прогласи за отворена изложбата на фотографии портрети од животот на писателот. Беа изложени и 19 насловни страници на ревијата „Бранувања“, со слики од фоторепортерот Стојан Кукунешоски, која беше разгледана на крајот на вечерта.
Првата книга, поемата „Обденица“ во издание на „Македонија презент“, ја промовираше Димитар Пандев, а за второто дело, насловено „Вечен живот“, говореа Даниела Андоновска-Трајкоска и Весна Мундишевска-Велјановска, кои се и рецензенти на книгата, а издавач е „Битолски книжевен круг“.

Организаторот на настанот, синот на писателот Димче Шипинкаровски, во име на културниот центар „Бран“ им додели „златни благодарници“ на поединци и институции што учествувале во програмите на КЦ „Бран“, Струшките книжевни средби и ревијата „Бранувања“.
Истакнатиот македонски писател за деца Петко Шипинкаровски има плодно творештво, кое опфаќа над 20 објавени авторски изданија и претставува значаен придонес во вредносниот систем на современата македонска литература.
Шипинкаровски беше член на Друштвото на писателите на Македонија и претседател на културниот центар „Бран“ од Струга. Исто така беше и организатор на Струшките книжевни средби, кои се одржуваа секоја година на почетокот на јули во Струга, Охрид и во Вевчани. Неговите литературни дела се преведени на повеќе јазици, а најголемо внимание во меѓународната јавност предизвика неговиот роман „Утринска молитва“, посветен на животот на битолските Евреи. Ст.К.