Со два концерта на градскиот дувачки оркестар при МКЦ и КУД Китка синоќа свечено беше отворено културното лето „Три круши 2018”.

– Културно лето „Три круши“ низ годините наназад оваа манифестација, стана препознатлив белег на Општина Кисела Вода, бидејќи секое лето, тука, во селото Драчево, на Трите круши, ги собира љубителите на културата и уметноста, збогатувајќи ја културната понуда на главниот град, истакна градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски.

Пред почетокот на музичкиот дел, говореше и отец Гоце Димитриевски, од црквата Св. Спас кој упати благослов и им посака здравје, среќа и благосостојба на сите присутни.

Дувачкиот оркестар при МКЦ и понуди на публиката незаборавно доживување. Од сцената на „Три круши” одекнаа светски популарни музички хитови во нивна адаптација. Присутните уживаа во најголемите хитови на АББА, Европа, хитови како “Strangers in the night”, но и преработка на „Народе македонски”, како и бразилска самба.

Следеше голем концерт на КУД од Драчево, „Китка”. Настапот го започнаа со изведба на нивното традиционално оро, „Драчевка”, a потоа следеа „Водарки“, „Тресеница“,  „Жетварки, „Повардарие“, „Пајдушко – Бувчанско“, „Источна”.

Следниот настан од „Три круши 2018” е закажан во четврток, кога ќе настапат Александар Митевски и Ди-џеј Фичо, во петок Дани Димитровска со бенд, а саботата е резервирана за целовечерниот концерт на Миле Кузмановски.

Инаку, на отворањето на културното лето му претходеше уште еден настан кој се одвиваше во попладневните часови. Во паркот Шопен се одржа хуманитарна Коријада, на која посетителите купуваа од изложените бели печива изработени од активот на жените пензионерки од Кисела Вода, а собраните средства од продажбата се наменети за хуманитарни цели