Македонскиот баритон Васил Гарванлиев, кој кариерата успешно ја гради на меѓународните сцени (Чикаго, Милано, Торонто, Лондон) во класичната музика, но и во водите на поп-музиката, ќе настапи во улогата на Енеј на премиерата на барокната опера „Дидо и Енеј“ во Камерната сала на Филхармонијата на 20 септември. Во најпознатата опера од британскиот композитор Хенри Персл – ќе настапи и канадската оперска дива, сопранистката Криста де Силва како Дидо.

Васил Гарванлиев, кој зад себе веќе има реализирано неколку улоги на светските сцени, вели дека се радува на претстојниот настап.

– Среќен сум и благодарен што ќе настапам во Скопје, затоа што станува збор за барокна опера каде што слободно можеш да си играш со гласот, емоциите, интерпретацијата. И секако, затоа што ова ми е прва оперска улога дома. Пред неколку години одлучив да се повлечам од операта и да се фокусирам на креирање оригинална поп-музика. Овој настап е исклучок. Не можев да ги одбијам „Полифонија“ и виолинистката Сања Шуплевска, која стои зад организација за ваква соработка. Со Сања се запознавме многу одамна на настапот на Моцартовата „Така прават сите“, каде што таа свиреше прва виолина, а јас ја пеев главната улога. Интересно е што двајцата сега вратени во родната земја се трудиме да креираме и да придонесеме за нашата музичка сцена – вели Гарванлиев.

Еден од последните негови ангажмани во класичната музика беше премиерата на современа опера во Лондон, каде што, како што вели, тој имал чест да креира улога од почеток.

– Бев дел и од престижниот „Марлборо фестивал“ во САД две години по ред, каде што настапив со најдобрите музичари од целиот свет. Аудициите не се практика на овој фестивал, туку организаторите сами избираат и ги покануваат уметниците да бидат дел од групата – вели тој.

За него најголем предизвик во креирањето една улога е да сподели искрена емотивна приказна преку глас.