Ана Спасовска, студентка по виолина и диригирање

Ана Спасовска е студентка на одделите по виолина и оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност. Студира виолина кај проф. Олег Кондратенко и диригирање кај проф. Борјан Цанев. Во текот на своето образование освојува голем број први и специјални награди, а настапува и на фестивали и сцени во и надвор од Македонија. Таа беше дел од неодамнешниот концерт „Мастерклас со Лајовиц“, на кој млади диригенти учествуваа
на мастеркласот што го водеше познатиот словенечки диригент Урош Лајовиц.

Какво беше искуството од мастеркласот со Лајовиц?
– Секое искуство со оркестар е од огромно значење за младите диригенти, особено кога станува збор за оркестарот на Македонската филхармонија. Всушност, ова е моја четврта соработка со маестро Урош Лајовиц. Моето прво појавување како диригент со симфониски оркестар беше пред две години во Дубровник, кога и се запознавме со професорот. Потоа продолживме да работиме и со Националната опера во Пловдив. За мене како диригент што сѐ уште се развива многу е важно да сум под менторство на вистински човек. Мој професор во Скопје е Борјан Цанев и од првиот ден откако влегов во неговата класа, несебично ми ги дава целото негово знаење и поддршка, целосно ми ја пренесува неговата љубов кон музиката.

Паралелно со студиите концертирате цело време. Колку ви беше значајно да ја почувствувате теоријата во практика?
– Музиката е посебна професија, тешка, но најубава. За момент благодарение на неа се заборава на сѐ друго што нѐ опкружува. Да си на сцена е среќа и задоволство, па оттука, најважно е публиката да ужива и да знае зошто е дојдена. Концертите се всушност најголема школа за музичарите, бидејќи од нив се учи најмногу.

Кои концерти и настапи се дел од вашето портфолио?
– Почнав со натпревари од девет години. Во текот на нижото и средното музичко образование, на државните натпревари во категоријата солфеж имам четири специјални државни награди и уште три први награди. Во категоријата соло-виолина и камерна музика шест први награди. Во диригирањето моето деби беше во 2019 година, со Дубровничкиот симфониски оркестар. Потоа би ги издвоила концертот со Националната опера во Пловдив и концертот со Симфонискиот оркестар на ФМУ во 2019 г. Во јануари годинава беше моето прво диригирање со оркестарот на Музичката младина. Потоа првиот „Скопски брас фестивал“, каде што ги диригирав двата концерта. Моето прво појавување како диригент на фестивалот „Охридско лето“ беше во јули годинава, со оркестарот на Музичката младина по повод нивниот јубилеј.

Завршувате паралелни студии по виолина и диригирање…
– Мојата приказна со виолината почна така што сама појдов до мојот одделенски раководител во основното училиште и му кажав дека сакам да свирам виолина. Тој исто така свиреше виолина и беше пресреќен кога од толку мало дете ги слушна тие зборови. Ги зеде моите документи од основното училиште и ги однесе во нижото музичко училиште за да ме пријави на аудиција. Моите родители беа скептични на почетокот, но како што поминуваше времето тие станаа мојата најголема поддршка. Колку посериозно влегував во музичките води, толку посилна стануваше мојата желба за учење на втор отсек – диригирање. Слушањето музика, анализирањето дела, читањето партитури, интересот кон другите оркестарски инструменти, животот на композиторите, нивните стилови и идеи беа само дел од работите што ме привлекоа кон диригирањето.

Каде се чувствувате поудобно, како виолинистката или диригентка?
– Всушност овие две професии не одат една без друга. Најдобрите светски диригенти свират најмалку два инструменти, од кои едниот мора да е дел од симфониски оркестар. Наспроти тоа, најдобрите инструменталисти ги владеат делата што ги свират од аспект на форма, оркестрација, стил. Подготвени се да изведат дело и без диригент бидејќи тие делото го знаат перфектно.

Во последно време има сѐ повеќе жени на диригентскиот пулт. Од родов аспект, како гледате вие на диригентската професија?
– Стојам зад тоа дека не постои женска или машка професија. Точно е тоа дека во минатото било многу тешко да се биде жена диригент, па и жена композитор, но со труд и напор сѐ се постигнува. Благодарение на Бисера Чадловска, која кај нас меѓу првите успеа да ги надмине сите пречки и го отвори патот за идните генерации. Исто така, тука би ја спомнала професорката Јана Андреевска, меѓу ретките композиторки кај нас. Таа, освен што е една од меѓународно најизведуваните автори, паралелно својата поддршка и знаење несебично ни ги пренесува нам, студентите на ФМУ.
Најголемите светски оркестри сепак се диригирани од мажи, од каде таа доминација?
– Всушност, ова е вистинско време за жени диригенти. Сега повеќе од кога било се нудат шанси за жените зад диригентскиот пулт. Марин Алсоп, Сузана Малки, Алондра де ла Пара, Карина Канелакис се само некои од имињата што ги имаат освоено сцените во Берлин, Виена, Парис, Амстердам, најголемите европски музички центри.

Кои се вашите идни предизвици?
– Секој уметник цели кон тоа да настапи во најубавите светски сали со најдобрите оркестри. Виенската, Берлинската, Париската филхармонија, Њујорк, Бостон, Чикаго, Кливленд… Би било супер да ја имам и јас таа шанса и да ја исполнам својата цел во кариерата. Меѓутоа, би била најсреќна ако мојот пат продолжи убаво да се развива овде, каде што сум родена, со луѓето со кои сум блиска, во салата каде што почнав, близу училиштето од кое добив многу. Во Македонија веќе имаме светски уметник, кој ми е идол, маестро Симон Трпчески.