Во издание на „Бата прес“, на македонски јазик е објавен романот „Продавачот на сладолед“ од финската авторка Катри Липсон. Делото ја доби наградата за литература на Европската Унија во 2013 година, а го преведе Искра Бадева. Објавено е со поддршка на Министерството за култура и Европската Унија, со програмата „Креативна Европа“, во рамките на проектот на издавачот „Време е за книга“.
Катри Липсон, по многу истражувања, со голема вештина и неверојатно познавање создава фикција и љубовни стории во чија заднина се бурните настани во Чехословачка во четириесеттите години од 20 век и подоцна.
Барајќи спас во виорот на Втората светска војна, Естер тргнува со непознатиот маж Томаш, како негова сопруга, барајќи мирно место во провинцијата. Нивното патешествие го снима режисер што сака да го имитира реалниот живот создавајќи филм без претходно напишано сценарио, филм во кој актерите ги учат приказната и своите улоги движејќи се за време на снимањето…
Авторката Катри Липсон (1969) е родена во Хелсинки. Завршила медицина во Шведска во 1993 година и како лекарка почнала да работи во Африка. Нејзиниот прв роман, „Космонаут“, објавен во 2008 година, ја добил највисоката книжевна награда во Финска. „Продавачот на сладолед“ е нејзин втор роман и ја доби престижната европска книжевна награда во 2013 година.