Репертоарот на фестивалот е пополнет со филмови од нашата земја, но исто така и од Србија, Романија, Англија, Словачка

Во киното „Фросина“ денеска и утре ќе се одржи првото издание на „Скопје фрејмс“, меѓународен фестивал на краток филм. Фестивалот се стреми да инспирира, унапреди и овозможи поддршка за креирање кратки филмови, особено во време кога пандемијата има значително влијание врз филмската индустрија, како и за споделување и зајакнување на заедничката желба и аспирации за уживање во кратки филмови.
– „Скопје фрејмс“ прерасна како идеја за промена од монотонијата што ја живееме моментално. Сите искрено веќе умираме од досада, бидејќи буквално ништо не се случува низ градов. Целта ни беше да организираме мал фестивал, за да има промена од секојдневието, нормално со ограничен број седишта и задолжителна заштитна маска, за да ги запазиме протоколите – вели Никола Ангелкоски, иницијатор на фестивалот.
Репертоарот на фестивалот е пополнет со филмови од нашата земја, но исто така и од Србија, Романија, Англија, Словачка.

– Кога го организиравме фестивалот имавме една цел, да има што е можно повеќе различни жанрови и стилови на филмови за да се задоволи публиката со поголемиот избор. Има повеќе интригантни филмови, како на пример филмот „Знаеш што, имам кошмари“, кој сликовито ја опишува тежината на депресијата, „Победник“ ја опишува лакомоста за моќ, „Даунфол“ – желбата и инстиктот за преживување. Некои од овие автори се нови во филмската индустрија, некои пак веќе се во неа и го прават ова од хоби – вели Ангелкоски.
„Конструкт 42“ на Никола Ангелкоски, „Блек енд Фoлти“ на Марко Џамбазоски, „Литл уан“ на Ана Андонова, „Мистер ворлд“ на Јосип Трајкоски, „Дефлендс“ на Бруно Велјановски, „Бабуш“ на Владислав Гавриловски… се само дел од филмската програма.
– Краткиот филм го поставува прашањето како би можел да раскажам приказна со почеток, заплет и расплет во кратко времетраење и како би можеле за момент да го задржиме вниманието на гледачот. За разлика од долгометражните филмови, краткометражните знаат да бидат посликовити, без зборување, само ритам и кадар направен како да излегол од нацртана слика – вели Ангелкоски.